logo
  1. Дома
  2. Репортажи
  3. Берзите на храна во Европа и сушата во Медитеранот: Берзанските договори како генератор на ценовни шокови
Берзите на храна во Европа и сушата во Медитеранот: Берзанските договори како генератор на ценовни шокови

Репортажи

Берзите на храна во Европа и сушата во Медитеранот: Берзанските договори како генератор на ценовни шокови

October 12, 2026 Глигор Бојков

Додека европските креатори на политики со децении се потпираа на климатските модели за да проектираат постепени, долгорочни температурни промени, реалноста на теренот претекна голем дел од сувопарните симулации. Медитеранскиот басен е историската лулка на европското земјоделство и денес се соочува со феномен кој агроекономистите го нарекуваат „климатски парадокс“. Иако медитеранските земји зафаќаат релативно мал процент од вкупната обработлива површина во Европската Унија, сушата во овој регион има сразмерно огромен, каскаден ефект врз инфлацијата и цените на храната во сите 27 земји-членки, од Лисабон до Хелсинки. Анализата на овој парадокс открива дека сушата во Средоземјето не е само локална земјоделска непогода, туку влијае врз европскиот синџир на снабдување со храна. На хартија, Северна и Средна Европа ги поседуваат најголемите површини под житни култури (пченица, јачмен, пченка). Меѓутоа, Јужна Европа, пред сè Шпанија, Италија, Грција и јужна Франција — функционираат како главна „зеленчукова и овошна градина“ на целиот континент. Кога долготрајниот топлотен бран и сушата ги празнат акумулациите во долината на реката По во Италија или басенот Гвадалкивир во Шпанија, последиците не остануваат локални. Намалениот принос директно предизвикува суфицит на побарувачка на северните пазари. Германија, Холандија и Скандинавските земји, кои во текот на зимата и пролетта се речиси целосно зависни од увезениот медитерански зеленчук и овошје, се соочуваат со моментален скок на цените на мало. Совршен пример за овој агро-економски пренос е производството на т.н. дурум пченица (Triticum durum). Нејзината примарна и најважна намена е производството на висококвалитетни тестенини (паста), макарони и шпагети, како и на традиционалниот гриз. Овој специфичен вид пченица бара топла и сува клима за време на созревањето, но и прецизно одмерени количини влага во критичните фази на вегетација, а Медитеранот е нејзин главен производител. Кога сушата го погодува регионот каде што се одгледува дурум пченицата резултатот е т.н. „pasta-flation“ (инфлација на тестенините), каде што цената на еден од основните прехранбени производи во ЕУ расте двоцифрено, дестабилизирајќи ги потрошувачките кошници дури и во земји кои географијата ги дели илјадници километри од Средоземјето.

Улогата на европските стокови берзи

Берзите за храна се клучен механизам преку кој се формираат светските и регионалните цени, се тргува со стратешки суровини и се овозможува заштита од пазарни ризици. Во европски рамки, овие пазари се суштински важни за одржување на стабилноста на синџирите за снабдување.

Европскиот берзански пејзаж е централизиран околу неколку клучни европски берзи за храна како што се: Euronext (MATIF - Париз, Франција), European Commodities Exchange (ECE), ICE Futures Europe (Лондон, Обединето Кралство) како и национални и регионални берзи (на пр. Будимпешта - БМБ, германските реномирани берзи во Хамбург и Хановер). Врската меѓу медитеранската суша и берзанските цени е директен пример за тоа како климатскиот шок во една регија се претвора во инфлациски бран на континентално ниво. Кога сушата и високите температури го погодуваат Средоземјето (Шпанија, Италија, Грција), приносите на стратешките култури како дурум пченицата, маслинките, овошјето и зеленчукот драматично паѓаат. Берзите брзо реагираат на овие извештаи од теренот бидејќи станува јасно дека европската понуда нема да ги задоволи домашните потреби.

Кога мелничарите и прехранбените индустрии во Јужна Европа остануваат без домашно зрно поради сушата, тие се принудени да бараат алтернативи. Тие влегуваат на европските берзи (како Euronext/MATIF) за да купуваат количини од Северна или Средна Европа, или пак да увозно го покриваат дефицитот од надворешни пазари (Канада, САД). Оваа зголемена побарувачка на берзата автоматски ги крева фјучерс цените на пченицата и другите житарки. Фјучерс-договорот е правно обврзувачки документ помеѓу две страни за купување или продажба на одредено средство (стока, валута, индекс, акција) по фиксна цена денес, но со испорака и наплата на точно определен датум во иднина.

Триаголникот на доверба и улогата на клириншката куќа

За да се разбере како берзата ги претвора климатските ризици во финансиски реалности, доволно е да се погледне односот помеѓу трите клучни актери: земјоделецот, купувачот (преработувачот) и клириншката куќа. Во овој систем, земјоделецот и купувачот никогаш не тргуваат директно меѓу себе, ниту пак мора да се познаваат. Земјоделецот продава договор за идна испорака за да си обезбеди загарантирана цена за својот род, додека преработувачот го купува истиот тој договор за да ги заштити своите трошоци од идно поскапување.

Во средината помеѓу нив застанува клириншката куќа — централниот гарант на берзата. Таа станува „купувач за секој продавач“ и „продавач за секој купувач“. Со тоа целосно го елиминира ризикот од неодговорност или банкрот. На денот на истекување на договорот, клириншката куќа не пренесува камиони со жито, туку ги пресметува ценовните разлики и автоматски ги префрла парите на сметките. Овој механизам овозможува заштитата од сушата да се претвори во молскавично брз, чисто финансиски процес.

Вметнувањето на клириншката куќа во берзите за храна решава еден огромен проблем, а тоа е неизвесноста. Замислете земјоделец од Франција да склучи договор за идна испорака на жито со мелничар од Италија. Доколку во меѓувреме удри суша, цените експлодираат, а едната страна банкротира и целиот синџир на исхрана би се срушил. Клириншката куќа се вметнува токму тука за да го апсорбира тој удар. Таа бара банкарски гаранции и депозити (маржи) од сите учесници пред воопшто да им дозволи да тргуваат со житарици. Преку секојдневната пресметка на профит и загуба (Mark-to-Market), таа ги „рамни“ сметките секој ден, така што никој не може да натрупа милионски долгови кои ќе ги загрозат берзата и прехранбениот сектор. Ова е примарната причина зошто се измислени овие берзи, овозможувајќи им на производителите да си ја осигурат идната цена и да планираат бизнис без страв од ценовни шокови.

Заштитниот механизам како генератор на шокови

Заштитниот механизам на берзите функционира совршено во стабилни услови, но во моменти на климатски шок во Медитеранот, тој се претвора во спирала која ги крева цените. Штом сателитските системи и климатските модели сигнализираат за суша во Средоземјето, берзанските учесници очекуваат намалена понуда во иднина и берзанските договори веднаш поскапуваат. Мелничарите и фабриките кои купуваат по новите, повисоки берзански цени ги пренесуваат зголемените трошоци врз дистрибутерите и маркет-синџирите. Финансиските фондови кои тргуваат на берзите дополнително ја купуваат стоката очекувајќи уште повисоки цени, што дополнително го засилува ценовниот бран.

 

 

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image