


Децении со ред, земјоделскиот извоз на Австралија се потпираше на едноставна, но моќна маркетинг патека: „чисто и зелено“ (clean and green). Меѓутоа, на современите глобални пазари, овој слоган повеќе не е доволен. Меѓународните купувачи, регулаторите и сè поинформираните потрошувачи сè погласно бараат транспарентност и материјални докази , не само за квалитетот на производот, туку и за неговото еколошко влијание, оценетата одржливост и можноста за следење на производниот синџир (traceability). Оваа трансформација во барањата на пазарот молчеливо, но темелно го редефинира поимот за конкурентност во земјоделскиот сектор. Зголемувањето на приносите и добрите маркетинг кампањи веќе не се единствените столбови на успехот. Денес, глобалното лидерство во агросекторот бара попаметно производство, софистицирано мерење и способност за егзактно докажување на одржливите перформанси преку научно верификувани податоци.
Австралискиот земјоделски сектор генерира околу 100 милијарди австралиски долари годишно, поврзувајќи ги производителите, преработувачите и извозниците со големите прекуокеански пазари. Сепак, овој сектор денес функционира во значително посложени услови во споредба со пред една деценија. Климатската нестабилност, растот на цените на репроматеријалите (ѓубрива, енергенси) и строго дефинираните пазарни стандарди создаваат силен притисок врз маржите и перформансите. Прашањето веќе не е дали земјоделството треба да се менува, туку на кој начин да го стори тоа. Овој предизвик е особено видлив во секторот за производство на сточна храна (фуражни култури како овес, пченка, луцерка, детелина и јачмен), чиј извоз за Австралија изнесува меѓу 450 и 600 милиони австралиски долари годишно. Кај овие култури, вредноста на извозниот производ директно зависи од конзистентноста: нутритивниот состав, процентот на влага, стабилноста при складирање и довербата дека секоја бала одговара на строгите меѓународни стандарди. Во производството на фуражни култури, временскиот тајминг е критичен. Косењето, сушењето, балирањето и складирањето директно го дефинираат финалниот квалитет. Најмалата грешка или погрешна проценка во било која од овие фази може драстично да ја намали вредноста на приносот.
За да одговорат на овие предизвици, австралиската компанија Balco Australia, во соработка со Универзитетот во Мелбурн, Incitec Pivot Fertilisers, LandScan и Scientific Instruments Australia, започнаа истражувачки проект поддржан од конзорциумот CRC-P. Централното место во оваа технолошка иновација го зазема концепцијата за „дигитален близнак“ (digital twin) на земјоделската парцела, развиена од LandScan. Преку прецизно тестирање на почвата и сензорско скенирање, научниците креираат виртуелна реплика на парцелата.Ваквиот пристап го менува производниот процес од реактивен во проактивен. Наместо да се санираат штетите откако ќе се појават, земјоделците прецизно ги насочуваат инпутите, ја намалуваат неизвесноста и постигнуваат баланс кој долго време се сметаше за недостижен: поголема продуктивност со намалено влијание врз животната средина.
Покрај подобрувањето на самата агротехника, зад овој проект стои уште поважно стратешко прашање за извозот. Иако австралиското земјоделие ужива позитивна репутација, на индустријата сè уште ѝ недостакуваат цврсти научни докази за добивање формални еколошки сертификати, како што се Ecolabel на Европската Унија или Декларацијата за еколошки производи според ISO стандардите (Environmental Product Declaration).
Во секторот за сточна храна моментално не постојат стандардизирани, формални системи за бенчмаркинг, туку само интерни и неформални мерења развиени од поединечни компании. Оваа празнина ја отежнува комуникацијата за докажување на вистинската вредност на производот пред глобалните пазари и ги оневозможува производителите да оправдаат премиум цените.
Иднината на глобалното земјоделство нема да биде дефинирана од она што го зборуваме за нашите производи, туку од она што можеме математички и научно да го докажеме.



















