logo
  1. Дома
  2. Свет
  3. Социјалните аспекти на водоводните услуги во САД и Европа
Социјалните аспекти на водоводните услуги во САД и Европа

Свет

Социјалните аспекти на водоводните услуги во САД и Европа

November 4, 2026 Глигор Бојков

Во современиот трансатлански блок  сè повеќе  се  доведува во прашање традиционалниот статус на водата како бесплатен и непресушен природен ресурс. Во двата најразвиени економски блока во светот  САД и Европа  управувањето со питката и отпадната вода се соочува со системска криза проследена со ескалација на цените. Додека во американскиот контекст ценовниот јаз главно се должи на застарената инфраструктура, депопулацијата и приватниот профитен модел, во Европа доминираат еколошкото оданочување, регулативата на Европската Унија (ЕУ) за пречистување на отпадните води и принципот на „целосно покривање на трошоците“. Според обемните анализи на организацијата Food & Water Watch (2026), базирани врз 500-те најголеми заедници за водоснабдување во САД, цената на питката вода драстично порасна за 62% во периодот од 2015 до 2025 година. Овој пораст е дури двојно поголем од порастот на цените на прехранбените производи (30%) и го надминува општиот индекс на инфлација (39%). Секоја сојузна држава во САД има специфичен правен, регулаторен и инфраструктурен модел за управување со водните ресурси.

Во Калифорнија со водните ресурси управува State Water Resources Control Board. Поради зачестените суши, во 2014 година беше донесен историскиот закон SGMA (Sustainable Groundwater Management Act) со кој за првпат строго се регулира црпењето на подземните води. Постои огромен државен систем на канали и аквадукти (California State Water Project и Central Valley Project) кој пренесува вода од влажниот север кон земјоделскиот центар и сушниот југ (Лос Анџелес, Сан Диего). Водоводните услуги главно се под општинска и јавна контрола, но со високи трошоци за одржување и пречистување, и заради тоа просечните годишни трошоци за вода во Калифорнија се високи и изнесуваат  околу 700 $ поради неопходноста водата да се пумпа со стотици километри од северот кон југот, како и поради инвестициите во рециклирање и отсолување.

 Западна Вирџинија иако е богата со речни ресурси, фиксните трошоци за одржување на застарената мрежа паѓаат врз сè помала демографска база условена од емиграцијата. Со тоа, потрошувачите плаќаат исклучително високи цени за застарениот преносен систем.Просечната годишна сметка за вода е речиси 2,6 пати повисока од националниот просек и изнесува околу 1383 $.

За површинските води (реки и езера) во државата Тексас важи  доктрината на Prior Appropriation што значи дека секој граѓанин или компанија може да добие право на вода од одреден извор, без оглед каде се наоѓа нивното земјиште, додека за подземните води важи доктрината позната како  „Rule of Capture“ каде што сопственикот на земјиштето го има правото да пумпа неограничено количество подземна вода  во  сопствениот имот.Во Тексас просечната годишна цена за вода и водоводни услуги се движи во рамките на националниот просек од 510 до 540 $.

Пенсилванија е еден од најкарактеристичните примери во САД каде што голем дел од населението се снабдува преку големи приватни компании за вода (како Pennsylvania American Water и Essential Utilities / Aqua Pennsylvania). Овој модел на приватна концесија е една од причините зошто граѓаните во Пенсилванија плаќаат значително повисоки месечни сметки во споредба со соседните држави каде доминираат јавни општински водоводи.Во просек на годишно ниво жителите на оваа држава плаќаат околу 829$ за водоводни услуги.

Аљаска е држава со најголеми ресурси на свежа вода во САД. Сите води (површински и подземни) се во државна сопственост, а граѓаните или бизнисите добиваат сертификати за право на користење преку Department of Natural Resources (DNR) според Alaska Water Use Act. Поради изобилството на водни ресурси, конфликтите околу правата се значително помали во споредба со југозападните сојузни држави. Инфраструктурниот предизвик е главен фактор за цената. Поради екстремните зимски услови, замрзнувањето на почвата и оддалеченоста на заедниците, изградбата и одржувањето на водоводните цевки во руралните и арктичките региони бара посебна технологија, што ги прави трошоците за комунални услуги многу високи по жител чија цена на годишно ниво изнесува околу 784 $.

Податоците недвосмислено покажуваат дека сопственоста е примарен детерминант на цената во САД за водоводните услуги. Приватните корпорации наплаќаат во просек по 329 $  повеќе годишно од општинските (јавни) препријатија. Приватниот капитал бара враќање на инвестицијата за своите акционери, со што сметките за вода стануваат значителен социјален товар, засегајќи над 93% од домаќинствата со ниски примања.

Европскиот пазар, според сеопфатните извештаи на Европската федерација на национални асоцијации за водоводни услуги (EurEau, 2026), покажа уште поголема дисперзија на цените за 1000 l (1m 3) вода за пиење и пречистување отпадна вода, кои се движат од 1.41€  во Романија до над 10,36 € во Данска. Овој огромен распон ја разоткрива сложеноста на европската еколошка политика, даночните системи и климатските предизвици. Разликите во сметките за вода меѓу европските земји не се последица на физичката суша, туку на политиките за наплата и пречистување. Оваа висока цена е резултат на државната политика за „целосно покривање на трошоците“ (Full Cost Recovery) и строгите еколошки даноци (зелени даноци). На овој начин,  се смета дека  високата цена во Данска  директно ја стимулира штедливоста и ја финансира заштитата на длабоките подземни водиод пестициди и индустриско загадување.

Државите кои се наоѓаат во  централниот и јужниот дел од  Европа (Германија, Франција, Шпанија, Италија )  применуваат т.н. блоковски тарифи за  наплата на водоводни услуги. Почетниот блок за основна домашна потреба е релативно евтин, но цената експоненцијално расте доколку се премине прагот на нормална потрошувачка на вода и овој механизам е воспоставен пред се за заштита на водените ресурси во сушни региони. Во Европа просечното домаќинство троши околу 100–120 m3 вода годишно, што значи дека просечната годишна сметка за четворочлено семејство се движи од 250 до  600 евра, во зависност од земјата и регионот.

Во Германија се применува строго германско и ЕУ законодавство каде што цената мора целосно да ги покрие сите инфраструктурни трошоци за одржување и прочистување, без директни државни субвенции. Просечната цена на 1 m3 e околу 4.80 €. Во некои покраини како Берлин или Северна Рајна-Вестфалија достигнува и над 5.50 € за 1 m3 . Дополнително, германските комунални претпријатија наплаќаат и посебна такса за одвод на атмосферска вода (дожд) за површините што се покриени со бетон или асфалт.

Цените во Франција за водоводни услуги варираат драстично помеѓу различните региони. Во региони каде што водоснабдувањето е доделено на приватни концесионери (како Veolia или Suez), цените знаат да бидат повисоки. По децении приватна концесија на водоводните гиганти Veolia и Suez, во 2010 година градот Париз ја врати сопственоста на водоводните системи под јавна управа преку претпријатието Eau de Paris. За време на 25-годишниот период на приватни концесии, цената на водата за пиење во Париз порасна за дури 174% (со просечна годишна стапка на поскапување од околу 6.95%), што беше значително повисоко од општата  стапка на инфлација. Водата за пиење во Париз од чешма е целосно безбедна и со висок квалитет и подлежи на ригорозни дневни лабораториски проверки од страна на јавното претпријатие Eau de Paris и одговора на сите здравствени стандарди на Европската Унија. Париз има над 1.200 јавни чешми за пиење вода низ улиците, парковите и плоштадите , вклучувајќи ги и познатите историски чешми Wallace. Градот има инсталирано и над 15 специјални јавни чешми каде граѓаните и туристите можат бесплатно да си наполнат газирана вода од чешма каде што на обичната пречистена вода од водоводот му се додава CO₂ непосредно пред чешмата. Според францускиот закон, сите ресторани и кафулиња во Париз се должни бесплатно да го послужат  гостинот со бокал вода од чешма (une carafe d'eau), доколку тоа го побара. Просечната цена на водоводните услуги во Франција изнесува околу 4.20 до 4.50 € за кубен метар вода и  во оваа сума се вклучени трошоците и за чистата вода за пиење и за пречистување на отпадните води.Сепак во руралните средини каде што мрежата е подолга а бројот на корисници помал, цените знаат да бидат повисоки, додека во одредени урбани центри (како Париз) цената на самата питка вода е меѓу пониските во земјата.

Италија има една од најевтините води за пиење во ЕУ и во просек за еден метар кубен се плаќа околу 2 €, на пример во Рим и Милано цената на 1 метар кубен се движи од 1.60 до 2.10 € , додека во Тоскана надминува 3 € за метар кубен вода. Од  друга страна познато е дека италијанската водоводна мрежа страда од хроничен недостиг на инвестиции и во просек околу 42% од водата се губи во цевките пред да стигне до чешмите на граѓаните. Со поддршка од европските фондови, Италија постепено ги зголемува тарифите за да ја финансира реконструкцијата на застарените цевководи.

Разликата помеѓу САД и Европа лежи и во структурата на сметката. Во ЕУ, со Рамковната директива за води (EU Water Framework Directive), над 50% од финалната сметка на граѓаните отпаѓа на пречистувањето на отпадните води. Европскиот потрошувач сè повеќе плаќа за неутрализација на сопствениот еколошки отисок (отстранување микропластика, фармаколошки отпад и PFAS хемикалии). Додека американскиот проблем се фокусира на кризата со достапноста за водоводни услуги на домаќинствата со ниски приходи чии што сметки се  пораснати од корпоративните профити, додека европскиот модел се бори со недоволните инвестиции во услови на строго регулиран пазар каде приходите од водоводните сметки сè потешко ги пратат реалните трошоци за одржување. На крај може да се констатира дека управувањето со водните ресурси на двата континента покажува дека водата од чешма веќе не може да се посматра како евтина евтина комуналија. Во САД се погласни се гласините дека е  потребна итна реформа на регулаторните тела кои им овозможуваат на приватните оператори да остваруваат екстра-профити над основните потреби на граѓаните. Во Европа, фокусот мора да остане врз одржување на рамнотежата помеѓу амбициозните еколошки цели и економската подносливост (издржливост)  за граѓаните во помалку развиените региони и држави.

Референци:

EurEau. (2026). Europe’s water in figures: 2026 snapshot. European Federation of National Associations of Water Services.

Food & Water Watch. (2026, October 6). Surging water costs amid the U.S. affordability crisis [Research report].

Renewable Matter. (2026, July 8). EurEau presents the state-of-the-art of European water services in 2026.

Water Data Prize. (2026, October 8). European countries with the most expensive tap water.

 

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
Социјалните аспекти на водоводните услуги во САД и Европа