logo
  1. Дома
  2. Свет
  3. Аграрниот модел и животниот стандард
Аграрниот модел и животниот стандард

Свет

Аграрниот модел и животниот стандард

October 18, 2026 Глигор Бојков

Во современата макроекономска анализа, структурата на личната потрошувачка на домаќинствата претставува еден од најверодостојните показатели за економскиот развој на едно општество. Во основата на оваа анализа лежи класичниот Енгелов закон, формулиран во 19 век од германскиот статистичар Ернст Енгел. Овој закон утврдува дека постои обратна пропорционалност помеѓу нивото на расположливиот доход на едно домаќинство и процентот од тој доход што се издвојува за основни прехранбени добра.

Со порастот на економскиот стандард и просечните приходи, релативниот удел на издатоците за храна во вкупниот буџет се намалува, ослободувајќи простор за секундарни и терцијарни потрошувачки категории (домување, заштеди, образование, услуги и рекреација). Меѓутоа, оваа процентуална распределба не е само одраз на висината на платите, туку е директно условена и од ефикасноста и технологијата на аграрниот сектор и структурата на синџирите на снабдување.

Северна Америка: Висока аграрна технологија и минимален удел на храната

Во високо развиените економии на Северна Америка (предводени од САД и Канада), анализата на финалната потрошувачка покажува дека домаќинствата издвојуваат најмал процент од своите месечни приходи за храна и безалкохолни пијалаци. Трошоците за храна во овој регион статистички се движат од 6% до 9% од вкупните издатоци на домаќинствата на месечно ниво. Ваквата ниска стапка е директен резултат на индустријализиран и високотехнолошки аграрен модел. Северноамериканскиот аграрен модел се заснова врз висока капитална интензивност. Оваа пазарна ориентација, во комбинација со големите имоти и олеснетиот пристап до евтин капитал, генерира извонредна продуктивност, што директно ги намалува финалните трошоци за храна кај потрошувачите.

Американскиот аграрен сектор е еден од најефикасните производни системи во светот, каде што примарното производство е засновано врз исклучителна технологија и економија на обем. Во САД, примарната земјоделска база ја сочинуваат од 1,9 до 2 милиони земјоделски имоти, а во целиот аграрен сектор  сметајќи ги приматните производители, агрономите, истражувачите и техничките експерти  се ангажирани околу 4,5 милиони луѓе, што претставува релативно мал процент од вкупната работна сила.

И покрај тоа што директно ангажираната работна сила е релативно мала во споредба со вкупната популација од околу 335 милиони жители, американскиот аграрен систем постигнува извонредна продуктивност. Покрај целосното задоволување на домашните потреби за основни прехранбени суровини, месо и житарици, вкупниот калориски и суровински капацитет на американското земјоделство (преку глобалниот извоз на пченка, соја, пченица и месо) има потенцијал да исхрани близу 1 милијарда луѓе ширум светот.

Според статистичките податоци од аграрните здруженија во САД, денес еден американски фармер во просек произведува храна за над 180 луѓе (во земјата и во странство), што е драстичен пораст во споредба со средината на 20 век.

 

 

 

 

Европа: Регионални разлики и транзиција на аграрните модели

Европскиот континент демонстрира постепена транзиција на процентуалната распределба на трошоците, што корелира со нивото на развој на локалното земјоделство и расположливиот доход. Во развиените европски економии (Западна и Северна Европа), домаќинствата издвојуваат помеѓу 8% и 12% од својот буџет за храна. Овие земји применуваат интензивен модел на земјоделство со високи субвенции, напредна агро-технологија и силна интеграција меѓу земјоделците и преработувачкиот сектор.Додека во Централна и Јужна Европа процентот за трошоци за храна умерено расте и главно се движи во рамките од 13% до 18%. Кај економиите во развој (Источна Европа) и помалку развиените пазари, овој удел варира помеѓу 20% и 25%, што покажува поголема ранливост на домаќинствата кон ценовните флуктуации на основните земјоделски суровини.Но генерално може да се каже дека европскиот аграрен модел претставува избалансиран систем поддржан од Заедничката земјоделска политика (CAP), кој става силен акцент врз еколошката одржливост, безбедноста на храната и заштитата на малите и средно големите сопственици на земјоделски имоти. Иако строгите регулаторни стандарди и високите барања за хуман однос кон животните и заштита на животната средина ги зголемуваат производствените трошоци, високите аграрни субвенции и силно интегрираната преработувачка индустрија успеваат да ги одржат цените на храната релативно стабилни и достапни за европското домаќинство.

Во ЕУ има околу 9,1 милион земјоделски имоти (кои во голем дел се со помала просечна површина од американските). Во аграрниот сектор на ЕУ редовно се ангажирани околу 8,7 милиони луѓе (или околу 4,2% од вкупната работна сила во ЕУ), што е значително поголем број во споредба со САД , при што европскиот аграрен модел продуцира повеќе трошоци и е помалку ефикасен од американскиот аграрен модел. И покрај тоа што ЕУ брои околу 450 милиони жители, европскиот аграрен сектор е еден од најголемите светски производители и најголем глобален извозник на прехранбени производи со висока додадена вредност (вино, сирења, месни преработки, маслиново масло, како и основни житарици). Вкупниот аграрен капацитет на Европската Унија е доволен за целосно задоволување на домашните потреби на своето население од 450 милиони жители, плус дополнителен суфицит кој преку глобалниот извоз нутритивно снабдува помеѓу 250 и 300 милиони луѓе надвор од границите на ЕУ. Тоа значи дека европскиот аграрен систем збирно генерира прехранбени капацитети за над 700 милиони луѓе во светот.

 

Западниот Балкан: Структурни предизвици и висок удел на основните трошоци

Во регионот на Западниот Балкан, погледнат како целина од економии во транзиција, статистичките показатели за потрошувачката на домаќинствата покажуваат значително различна слика во споредба со развиениот Запад каде што во категоријата „Храна и безалкохолни пијалаци“ зафаќа во просек помеѓу 30% и 40% од вкупната месечна потрошувачка на домаќинствата. Инаку месечниот просек за потрошувачка за храна е многу варијабилен на Балканот од држава до држава и зависи од голем број на специфични фактори кои не се во доменот на оваа анализа.

Според податоците на Евростат и Светската Банка, регионот на Западниот Балкан брои околу 1,5 милиони земјоделски имоти, кои ангажираат помеѓу 15% и 20% од вкупната работна сила што се помалку ја има. Меѓутоа, дури над 70% од овие земјоделски имоти се помали од 3 хектари и се дополнително распарчени на повеќе мали парцели. Поради оваа изразена фрагментираност, ниското ниво на дигитализација и недоволната примена на современи технички и машински средства, додадената вредност по работник е неколкукратно пониска во споредба со ЕУ и САД. Ваквиот модел на производство генерира повисоки трошоци по единица производ и неисплатливост на производството, што директно ја одржува релативно високата цена на храната во однос на куповната моќ на населението.

Аграрните модели кои се овде претставени во кратки црти, во голема мера зависат и од општата индустријализација на општествата и структурата на бруто-домашниот производ, но авторот се иззема од понатамошни пошироки економски анализи со оглед на неговата тесна специјализација во земјоделскиот сектор.

Референтни извори на информации:

FAOSTAT (Food and Agriculture Organization): Food Balance Sheets & Household Expenditure Indicators

Eurostat: Final consumption expenditure of households by purpose (COICOP)

U.S. Bureau of Labor Statistics (BLS): Consumer Expenditure Surveys

World Bank Data Group: Global Consumption and Agricultural Productivity Indicators

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image