


Додека глобалната популација се приближува кон прагот од 8,3 милијарди луѓе,барањата за производство на храна постојано растат. Аграрниот сектор се соочува со драматично стареење на земјоделската популација , истовремено генерациското обновување на земјоделските имоти е на историски на најниско ниво. Овој феномен не е само локален или спорадичен проблем, туку претставува системски ризик за глобалната прехрамбена сигурност и одржливоста на руралните средини. Системскиот ризик се согледува кога настанува откажување или слабеење на еден елемент од ланецот на снабдување (во овој случај: примарниот производител) што предизвикува верижна реакција низ сите други делови на општеството и економијата. Демографската слика покажа дека забавувањето на генерациската замена во земјоделството го зафати речиси целиот свет, иако е проследено со специфични регионални нијанси.
Во Европската Унија, просечната возраст на земјоделците надминува 57 години, при што повеќе од една третина од сите сопственици на земјоделски имоти се постари од 65 години, а помалку од 11% се помлади од 40 години. Во Јапонија, оваа бројка е уште поекстремна каде што просечниот земјоделец е постар од 67 години. Додека во САД, просечната возраст на еден земјоделски производител се движи околу 58 години, статистички за секој земјоделец под 35 години има повеќе од шест земјоделци постари од 65 години.
Земјоделските региони во Јужна Америка имаат помладо население сепак во земјоделскиот сектор се појавуваат истите негативни трендови. Масовната урбана миграција ги празни селата од младата работна сила. Во Азија и Јужна Америка, просечната возраст на земјоделците веќе се приближува кон 55 години.
Ситуацијата во Супсахарска Африка исто така не е многу поразлична заради тоа што младите претежно имаат статус на неформална или нископлатежна работна сила, додека контролата над земјиштето останува во рацете на постарата генерација со просечна возраст од над 55 години што на крај резултира со миграција на младото работоспособно население.
За да се разбере зошто младите генерации не го гледаат земјоделството како одржлив животен избор, мора да се анализираат неколку клучни социо-економски фактори.
Започнувањето нов земјоделски бизнис бара огромен почетен капитал. Покрај земјиштето, современото земјоделство бара значајни инвестиции во механизација, системи за наводнување, семенски материјал и заштитни средства итн. За младите без семејно наследство, оваа бариера е речиси непремостлива.
Понатаму, кај малите семејни земјоделски имоти преносот на сопственоста често се одложува до доцните години на постарите сопственици,бидејќи земјиштето претставува основна социјална и економска сигурност за постарите земјоделски производители и тоа во услови на недоволно силни пензиски системи, па тие ретко се одлучуваат предвреме да им ја препуштат сопственоста на младите, што создава фрустрација и заминување во други сектори.
Земјоделството е под директен удар на климатските промени и е проследено е со висока флуктуација на цените на пазарот. За младата генерација која бара економска извесност, стабилност и рамнотежа меѓу работата и приватниот живот, аграрот се перцепира како високоризична и физички тешка дејност со ниска профитабилност.
Стареењето на земјоделската популација не е само демографска статистика, тоа во основа има директни импликации и врз начинот на кој се произведува храната, како што е забавеното прифаќање на иновации и дигитализација. Иако постојат исклучоци, статистички погледнато постарите земјоделци покажуваат поголем отпор кон усвојување на нови технологии кои бараат промена на традиционалните навики. Исчезнувањето на малите земјоделски имоти поради недостаток на наследници води кон нивно откупување од страна на големи агро-корпорации или инвестициски фондови. На глобално ниво, Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) ги користи следниве физички прагови за класификација на земјоделските имоти според површината:
Мали земјоделски имоти (Smallholder farms)
На глобално ниво, сопствениците на овие имоти се над 84% од сите земјоделски имоти во светот и се помали од 2 хектари, кои обработуваат од 12 до 14% од вкупното земјоделско земјиште.
Средно големи земјоделски имоти (Medium-scale farms)
Сопствениците сочинуваат околу 15% од сите земјоделски имоти и обработуваат приближно 20% до 23% од глобалното земјоделско земјиште. Оваа категорија е „рбетот“ на земјоделството во многу европски земји и во делови од Азија и Латинска Америка.
Агро-корпорации (Large-scale farms )
Иако сочинуваат само 1% од вкупниот број на земјоделски имоти во светот, тие контролираат дури близу 65% (речиси две третини) од сите обработливи површини на Земјата. Оваа концентрација е најизразена во развиените земји во Северна Америка, Латинска Америка (Бразил, Аргентина) и делови од Австралија и Европа.
Кога ќе се соберат средните и големите земјоделски имоти тие заедно контролираат од 85% до 88% од вкупното обработливо земјиште во светот.
Според истражувањата на ФАО (Организацијата за храна и земјоделство на ОН) и обемните глобални студии за дистрибуција на земјоделскиот принос (како Ricciardi et al. и Lowder et al.), производниот удел на храна на големите и средно големите земјоделски имоти на глобално ниво изнесува помеѓу 65% и 70% од вкупното светско производство на храна. Од кои што средно големите земјоделски имоти имаат удел во глобалното производство на храна од 30 до 35%, додека уделот на големите земјоделски имоти (агро-корпорациите) се движи од 32 до 38%.Притоа треба да се има во предвид какви земјоделски производи се создаваат и каква е нивната намена погледнато во контекст на исхраната на популацијата на глобално ниво.
Големите земјоделски имоти кои доминираат во Северна Америка, Бразил, Аргентина, Австралија и делови од ЕУ, произведуваат најголем дел од глобалните количини на пченка, соја, пченица, шеќерна трска и маслодајна репка и нивното производство не оди директно како храна на трпезата кај луѓето, туку се насочува кон : концентрирана храна за тов на добиток, живина, свињи, производство на етанол, биодизел, сирупи, скроб и прехрамбени адитиви. Нивното производство го сочинува `рбетот на меѓународната агро-трговија и извоз.
Средно големите земјоделски имоти доминираат во голем дел од Европа, Кина и Латинска Америка и произведуваат комбинација од житарици, млечни производи, месо, овошје и зеленчук. Тие се клучни за снабдување на националните пазари, преработувачките капацитети и регионалните трговски синџири.
Најголемиот број земјоделци во светот (над 84%) работат на мали парцели под 2 хектари, но сите тие заедно располагаат со едвај 12-14% од глобалното земјиште. Сепак, поради интензивниот труд и специфичноста на културите, овие мали земјоделски имоти произведуваат зачудувачки 30-35% од глобалната храна за директна човечка исхрана и со нивното евентуално згаснување заради демографијатаби се предизвикал сериозен глобален проблем во однос на достапноста и ценовната рамка за најранливите категории.
Демографската криза во земјоделството е тивок, но критичен предизвик на глобално ниво. Без стратегија за враќање на младите луѓе, сите амбициозни земјоделски агенди ќе останат само теорија запишана на хартија. Земјоделството на 21-тиот век бара генерациска синтеза и тоа спој на искуството добиено од постарите комбинирано со дигиталната писменост, и претприемничкиот дух на младите. Решавањето на ова прашање е предуслов за обезбедување на доволна количина на еколошки здрава храна за идните генерации.






















