logo
  1. Дома
  2. Репортажи
  3. Зошто вештачката интелигенција не може да го замени човечкото искуство во земјоделието?
Зошто вештачката интелигенција не може да го замени човечкото искуство во земјоделието?

Репортажи

Зошто вештачката интелигенција не може да го замени човечкото искуство во земјоделието?

October 23, 2026 Глигор Бојков

Со засилениот развој на вештачката интелигенција и автономната механизација, во јавноста сè почесто се наметнува една доминантна теза која е поврзана со пристигнувањето на роботите на земјоделските површинидека автоматски ќе настане исчезнување на работните места. Тригодишното научно истражување спроведено од Универзитетот во Калифорнија, Дејвис (UC Davis), публикувано во списанието New Technology, Work and Employment, нуди поинаква, многу посуптилна реалност. Преку 165 детални интервјуа со сопственици на земјоделски имоти  и земјоделски работници во 16 овоштарници во Калифорнија и Вашингтон, истражувачкиот тим предводен од професорката М. Ен Висер и нејзиниот ко-автор Алекс Бладимир Хернандез, ја анализираше т.н. последната милја (last mile) од земјоделската автоматизација односно тоа е моментот кога високата технологија мора да ги покаже своите перформанси во реални, често непредвидливи теренски услови. Нивните заклучоци сугерираат дека технологијата не ги елиминира работните места луѓето, туку суштински го менува начинот на кој се извршува работата.

Важноста на познавањето на земјоделскиот локалитет

За разлика од индустриските погони каде условите се контролирани, во земјоделието секој овоштарник има различна микроклима, специфичен состав на почвата и варијации во конфигурацијата на теренот. Роботите и дигиталните алатки не се уреди кои едноставно се вклучуваат и работат сами по себе, туку  за нивна ефикасна примена е неопходно длабоко практично знаење за конкретната парцела.

Како сликовит пример во истражувачката студија се наведуваат автономните трактори и возила опремени со дигитални камери за броење на пупките и плодовите во овоштарникот, чија цел е предвидување на приносот. Иако технологијата е дизајнирана да го замени рачното броење, на терен се покажало дека алгоритмите склони се кон преценување на приносите.Во еден од анализираните случаи, раководителот на еден овоштарник кој имал  повеќе од една деценија искуство ги намалил процените на камерата за 14%, базирајќи се врз искуствените податоци за тој блок и неодамнешните временски неприлики. Неговата проценка се покажала попрецизна од онаа на вештачката интелигенција. Ова потврдува дека алгоритмите бараат постојана човечка интерпретација и корекција. Една од клучните тези на студијата е разграничувањето меѓу елиминирање на одделна работна задача и елиминирање на цела работна позиција.

„Замената на одредена работна операција на овоштарнико не е исто што и замената на целото работно место,“ истакнува проф. Висер. „Овие алатки не ги отстрануваат работниците, туку го преобликуваат начинот на кој се организира производствениот процес.“

Кај овошните култури (за разлика од житарките како пченката или сојата), квалитетот на обраните плодови е исто толку важен колку и квантитетот. Комбајните за берба овошјетосè уште не можат во целост да ја заменат човечката проценка за зрелоста и чувствителноста при допир. Поради тоа, наместо целосна замена, работниците добиваат нови улоги, и тоа управувачи со технологијата, дијагностичари на дефекти и контролори на процесот. Наместо автоматизацијата да се посматра низ призмата на страв и конфликт, истражувачите апелираат на поинаков пристап како на пример, намалување на физички тешката и опасна работа на терен како што е возење и управување со земјоделска механизација на терен со нерамна конфигурација. Понатаму, преквалификација на земјоделските работници во оператори на софтверски и механички системи и ублажување на негативните ефекти од заминувањето на помладите генерации од руралните средини.

Автоматизацијата во земјоделството не е бран кој едноставно ги затвара работните места на  луѓето. Нејзиниот успех директно зависи од човечкиот фактор особено од знаењето, искуството и способноста на човекот да го премости јазот помеѓу тоа како една дигитална алатка е дизајнирана да работи и како земјоделството функционира во реалноста. Решението за иднината на аграрот не лежи во замена на човекот со технологија, туку во  симбиоза со новите технологии.

 

Референтен извор на информации:

M. Anne Visser et al., Epistemological Friction: Embodied Expertise and the 'Last Mile' of Agricultural Automation in the US Tree‐Fruit Industry, New Technology, Work and Employment (2026). DOI: 10.1111/ntwe.70047

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
Зошто вештачката интелигенција не може да го замени човечкото искуство во земјоделието?