logo
  1. Дома
  2. Земјоделие
  3. Основни стандарди и критериуми за извоз на овошје и градинарски култури во Европската Унија
Основни стандарди и критериуми за извоз на овошје и градинарски култури во Европската Унија

Земјоделие

Основни стандарди и критериуми за извоз на овошје и градинарски култури во Европската Унија

September 16, 2026 Глигор Бојков

Пазарот на Европската Унија нуди огромен потенцијал за македонските земјоделски производители, но истовремено поставува строги рамки кога станува збор за безбедноста на храната, фитосанитарните регулативи и квалитетот на производите. Без разлика дали станува збор за свежо трпезно грозје, раноградинарски култури или друго овошје и зеленчук, исполнувањето на критериумите е единствената гаранција за успешно пласирање без ризик од одбивање на границите. Пазарот на Европската Унија е цел на секој земјоделски извозник каде што има   милиони потрошувачи, стабилни цени  и долгорочни договори. Но таа цел има своја цена и производителите кои не ги познаваат  правилата, ги учат на најтешкиот можен начин и тоа на самата граница, со камион полн со производи кој  што повеќе  никаде не може да се продаде.

Според EU Plant Health Regulation (2016/2031), речиси сите свежи овошја и зеленчуци кои влегуваат во ЕУ од трети земји мора да поседуваат фитосанитарен сертификат. Без него, пратката не може да се најави за царинење. Заштитата на здравјето на потрошувачите во ЕУ е регулирана преку законот за безбедност на храна (Regulation EC 178/2002) и регулативата за резидуи (остатоци) од пестициди (Regulation EC 396/2005). Остатоците од сите активни материи кои се користат во заштитата на растенијата мора да бидат во рамките на дозволените граници.  Највисокото дозволено количество на траги од пестициди во храната е познато под скратеницата MRL (Maximum Residue Level). Според базата на податоци за пестициди на ЕУ (EU Pesticides Database) постои листа на одобрени активни материи, која се однесува на официјалниот европски регистар на пестицидни материи на ниво на Европа кои ги поминале токсиколошките и еколошките анализи и се одобрени за употреба според Регулативата (EC) No 1107/2009.

Доколку се детектира присуство на активна материја која е целосно забранета во ЕУ, пратката автоматски се одбива.За секоја гајба или пакет со земјоделски производи  мора да има информација за потеклото на производот и се следи неговиот транспорт до малопродажните центри. Понатаму овошјето и зеленчукот мора да ги исполнуваат општите и специфичните маркетинг стандарди пропишани со регулативата (EU) No 1308/2013, што значи потребно е да постојат  категории за квалитет на производите и  во зависност од нивната големина,  форма и изглед се категоризираат на екстра, прва и втора класа. Секое пакување мора да содржи декларација со име на компанија извозник, земја на потекло, сорта и класа. При пристигнувањето  на пратките на граничниот премин во ЕУ  производите подлежат на три нивоа на контрола на граничните инспекциски места и тоа: најава преку TRACES NT ( Увозникот или шпедитерот електронски ја најавува пратката во системот TRACES NT и поднесува барање за CHED-PP документ. ) , документациска контрола ( се проверува фитосанитарниот сертификат, фактурата и транспортната документација - CMR). Се споредуваат пломбите и ознаките на пакувањето и се врши визуелен преглед на земјоделските производи , каде што понатаму се земаат примероци за брза лабораториска анализа. Ако некоја пратка не помине на тестот за MRL, производите се одбиваат и се враќаат назад, а случајот се регистрира во системот RASFF (Rapid Alert System for Food and Feed) на ЕУ. Тоа не е тивок административен запис туку јавен аларм што го гледаат инспекциски служби во сите земји-членки. Од тој момент, секоја идна пратка на истиот извозник добива поголемо внимание, подолги проверки и помалку доверба со што се нарушува реномето на извозникот. Успехот на пазарот на ЕУ не се случува во моментот кога камионот стигнува на границата, туку многу порано кога се внимавало на изборот на користените пестициди во тек на вегетацијата, во документацијата подготвена во земјата, и во познавањето на секое ниво на контрола пред да се тргне на пат.

 

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image