logo
  1. Дома
  2. Земјоделие
  3. Тиквешијата помеѓу традицијата и преживувањето
Тиквешијата помеѓу традицијата и преживувањето

Земјоделие

Тиквешијата помеѓу традицијата и преживувањето

October 31, 2026 Глигор Бојков

Тиквешкиот регион децении наназад претставува столб на македонското лозарство и винарство. Сепак, периодичните кризи предизвикани од ниските откупни цени на грозјето, високите трошоци за производство и нарушените пазарни синџири создадоа чувство на безизлезност и безперспективност кај локалните лозари. Соочени со економска неисплатливост, сè поголем број млади се откажуваат од оваа дејност, а лозовите насади се соочуваат со ризик од запуштање.

За да се обезбеди одржлива иднина за оваа витална гранка, неопходно е да се отфрлат краткорочните импровизации. Излезот од кризата бара рационален и пазарно ориентиран пристап, кој ќе го реформира целиот модел , од лозовиот насад па до финалниот производ. Децении наназад, тиквешкото лозарство беше ориентирано кон производство со висок принос по хектар. Во услови на глобална презаситеност со евтино наливно вино, овој модел е веќе неодржлив. Пазарните податоци и извештаи од глобалните аналитички платформи (како OIV, Vinexposium, World Bulk Wine Exhibition и AlixPartners) јасно го потврдуваат трендот дека „се пие помалку, но поквалитетно“.Глобалната потрошувачка на вино падна на најниско ниво во изминатите 60 години. Додека секторот за комерцијално и евтино наливно вино се намалува со стапка од -4% годишно, пазарот за премиум вината (над 10–15 $ по шише) бележи стабилност или благ раст. Консуматорите пијат помалку количински, но се подготвени да платат повеќе за шише со соодветно геогравско потекло во која е содржана винската приказна на регионот. Во 2026 година, глобалниот извоз на наливно вино забележа двоцифрен пад на волуменот (над -18%) во споредба со претходните години. Најголемите пазари за наливно вино (САД, Велика Британија, Германија) ги намалуваат нарачките. САД забележаа пад на увозот на наливно вино од дури 22%. Земји како Шпанија, Италија и Франција имаат огромни вишоци на наливно вино. Франција дури одвојуваше стотици милиони евра државна помош и ЕУ-фондови за т.н. „дестилација во кризи“ ( преработка на вишоците на вино во индустриски алкохол) и за плаќање на лозарите да ги ископачат лозјата. Кога глобалниот пазар е преплавен со евтино наливно вино од гиганти како Шпанија или Аргентина (каде што трошоците за производство по литар се исклучително ниски поради масовна механизирана берба лозјата кои се наоѓаат на рамни терени), откупната цена на грозјето на глобално ниво паѓа под реалните трошоци за производство.Геогравските локалитети како Тиквешијата не можат математички да бидат конкурентни со глобалните индустриски производители. Оваа глобална статистика потврдува дека стратегијата за продажба на грозјето како суровина за евтино наливно вино повеќе нема пазарна иднина. Реконфигурацијата на лозарството  кон помал принос, повисок квалитет, автохтони сорти и сопствена преработка на грозјето  не е само препорака туку  таа е единствениот услов за економско преживување на помалите лозарските региони.

Референци:

European Court of Auditors. (2023). Restructuring and planting vineyards in the EU: Unclear impact on competitiveness and limited environmental ambition (Special Report No. 23/2023). Publications Office of the European Union.

International Organisation of Vine and Wine. (2026). State of the world vine and wine sector in 2025. OIV.

New Zealand Winegrowers. (2026). Annual report 2026: Sustainable winegrowing and global trade.

Ciatti Global Wine & Grape Brokers. (2026). Global market report: Bulk wine and grape supply trends. Ciatti Company

IWSR Drinks Market Analysis. (2025). Global beverage alcohol market trends and premiumisation index.

Поврзани статии
news image
Земјоделие
logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image