


Современиот агробизнис и светското производство на храна се најчестите мети на сензационалистички наративи, меѓу кои особено место зазема митот за таканаречените „терминатор семиња“ (научно познати како Genetic Use Restriction Technologies - GURT). Овој концепт во јавниот дискурс е длабоко испреплетен со стравот од тотална корпоративна контрола врз светскиот генетски фонд и егзистенцијата на земјоделците. Иако големите мултинационални агрохемиски компании сигурно имаат економски мотиви кои заслужуваат строга регулаторна и етичка контрола, приказната за „терминатор семето“ претставува пример за тоа како реален технолошки семенски патент се наоѓа на спротивна страна од одржливото земјоделие.
Терминот „терминатор семиња“ се однесува на генетски модифицирани култури кои се дизајнирани така што нивните семиња во втората генерација стануваат стерилни (неможност за ртење). Идејата зад истражувањата во доцните 1990-ти години од страна на американското Министерство за земјоделство (USDA) и корпорацијата Delta and Pine Land (подоцна купена од Monsanto) била чисто деловна и патентна заштита за да се спречи нелегалното репродуцирање и зачувување на патентирани сорти од страна на земјоделците без плаќање лиценца. Меѓутоа, под притисок на глобалните движења, научната јавност, Обединетите нации и моралните регулативи, оваа технологија никогаш не била комерцијализирана ниту пуштена во земјоделска употреба.Сепак, потребно е да се направи разлика помеѓу „терминатор семињата“ и хибридните сорти добиени со конвенционална селекција.Кај хибридните сорти, семето добиено од приносот ако повторно се посее тоа нормално ќе никне и ќе порасне и поради Менделовите закони (откриени од Грегор Мендел ) ќе се добие значително понизок принос. Значи ваквите семиња , не се стерилни, туку го губат својот комерцијален квалитет и униформност.Од друга страна кај т.н. терминатор семиња, вештачки се вметнува специфичен генетски прекинувач (најчесто се активира со хемиски третман пред продажба) кој во втората генерација произведува токсин што го убива ембрионот во семето. Таквото семе е биолошки мртво и кога ќе се посее, воопшто нема да никне. Стравот на научниците и ОН беше дека ако поленот кој произлегува од терминатор семињата прелета на соседната нива со конвенционална или дива сорта, генот за стерилност ќе се пренесе во следната генерација, Тоа значи дека земјоделецот кој никогаш не купил ГМО семе, следната година би посеал семе од сопствената нива кое воопшто нема да никне. Тоа претставува директен биолошки ризик за дивите сродници и за традиционалното земјоделство. Иако „терминатор семиња“се во потполност исклучени од реалната растителна продукција, стравувањата од олигополската моќ на неколку мултинационални гиганти (како Bayer-Monsanto, Corteva, Syngenta) се сосема реални. Денес, мал број корпорации го контролираат патентирањето на значаен дел од светскиот семенски материјал.
Зачувувањето, одгледувањето и слободната размена на автохтоните (локални) претставуваат еден од најмоќните контра-одговори на концентрацијата на моќ и монополите во глобалниот агробизнис. Додека мултинационалните корпорации настојуваат да го стандардизираат пазарот преку хибриди и патентирани култури кои бараат купување нов семенски материјал секоја сезона, локалните сорти му ја враќаат автономијата на земјоделецот. Локалните сорти се резултат на вековната селекција прилагодена на специфичните микроклиматски услови и традиционални начини на производство во еден регион. Тие носат вредни генетски карактеристики за отпорност на суша, локални болести и штетници, служат како бесценета генетска банка за идни истражувања и селекција. Храната произведена од автохтони сорти има автентичен вкус, арома и хранлив состав што индустриските сорти често ја губат во замена за високоприносноста и долготрајно складирање. Со одгледувањето на овие сорти се зачувува и традиционалното знаење на постарите генерации земјоделци, спречувајќи негово трајно губење.
И покрај предностите на автохтоните сорти, законите за семе во многу држави се усогласени со глобалните стандарди кои наложуваат строги бирократски процедури за регистрација и сертификација на секоја сорта пред таа да може легално да се продава на пазарот. Овие процедури се скапи и прилагодени за големите корпорации, што формално ги маргинализира локалните (автохтони) сорти семе.
Референци:
Food and Agriculture Organization (FAO). (2019). The state of the world’s biodiversity for food and agriculture. FAO Commission on Genetic Resources for Food and Agriculture Assessments. Rome.
Lombardo, L., & Bowring, P. (2001). The Terminator Technology: The threat of genetically modified sterile seeds. ActionAid / GRAIN Briefing Paper.
Nottenburg, C., Pardey, P. G., & Wright, B. D. (2002). Accessing proprietary science: Using Targeted Intellectual Property (TIP) to promote agricultural biotechnology. Science, 296(5573), 1629–1631.
Secretariat of the Convention on Biological Diversity (CBD). (2006). Thematic assessment of genetic use restriction technologies (GURTs) (CBD Technical Series No. 12). Montreal: CBD.
Smale, M. (Ed.). (2006). Valuing crop biodiversity: Case studies on genetic resources in economic and agricultural development. International Food Policy Research Institute (IFPRI) / Bioversity International.






















