


Во сефот на банката обично се чуваат злато, хартии од вредност или девизни резерви , поточно материјални добра кои ја дефинираат финансиската стабилност на еден систем. Но, вистинското капитално богатство на човештвото е она од кое директно зависи опстанокот на нашиот вид и чија вредност неможе да се мери со валути. Тоа е содржано во генетските кодови скриени внатре во семето на растенијата. Ген банките за семиња денес претставуваат една од најважните безбедносни мрежи на планетата. Тие не се едноставни складишта за земјоделски култури, туку високоеколошки и технолошки системи создадени за зачувување на биодиверзитетот и гарантирање на глобалната безбедност на храната.
Генетска ерозија
Современото земјоделество донесе високи приноси, но ја плати цената преку драстично стеснување или намалување на генетската база на растенијата. Со други зборови краткорочната квантитативна добивка доведе до долгорочна системска ранливост. Ранливоста на растенијата се манифестираше преку интензивната селекција што овозможи да имаме милиони хектари посеани со земјоделски култури кои имаат ист или сличен генотип кои се познати како генетски хомогени посеви. Во ваква ситуација кога милиони растенија во одреден регион имаат ист ген за отпорност растителните патогени многу брзо мутираат и ја совладуваат генетската отпорност кај растенијата што доведува до континуирана примена на пестициди и зависност од истите.
Во минатото кога се применувало традиционалното земјоделство во одреден регион се одгледувале десетици или стотици локални сорти при што секоја засебна сорта содржела широк спектар генетски варијанти. Климатските услови се многу непредвидливи и се случувало во одредени години да има суша или да се создаваат поволни услови за развој некоја растителна болест, при тоа некои единки ќе одумрат а други ќе преживеат односно дел од растителната популација манифестирала одреден степен на отпорност кој е познат како генетски бафер или амортизер. Современата индустријализација на земјоделството доведе до елиминација овој амортизер преку генетски хомогени посеви. Генетската хомогеност не е создадена случајно, и таа има огромни производствени предности во строго контролирани услови. На пример кога сите растенија во полето припаѓаат на еден ист хибрид, тие цветаат истовремено , имаат идентична висина и созреваат во рок од неколку дена, што овозможува механизирано прибирање на приносот и рационализација на трошоците за производство.Понатаму, растенијата со ист генотип реагираат идентично на одредена доза минерално ѓубриво или воден режим, што му овозможува на земјоделецот прецизно да го испланира управувањето со ресурсите. Иако генетската хомогеност е совршена за индустриската машинерија, таа е еколошки кошмар од гледна точка на еволутивната биологија. Затоа се вели дека генетската хомогеност во земјоделството е системска жртва на ефикасноста. Таа му обезбедува на човештвото максимални приноси во стабилни услови, но истовремено го прави глобалниот агросистем крајно ранлив и зависен од хемиски инпути.
Според податоците на Организацијата за храна и земјоделство при ООН (FAO), во последниот век сме изгубиле над 75% од растителната разновидност или хетерогеност на земјоделските култури. Форсирањето на монокултурното производство на неколку комерцијално профитабилни хибриди ги истурка на маргините илјадниците автохтони (локални) сорти кои со векови се прилагодувале кон специфични микроклиматски услови. Оваа појава е позната како генетска ерозија. Доколку се појави нов агресивен растителен патоген или екстремен климатски шок што го погодува доминантниот хибрид на пченица, пченка или ориз, последиците можат да бидат катастрофални за милиони луѓе.Ген банките за семиња овозможуваат чување на дивите сродници на култивираните растенија (Crop Wild Relatives). Овие диви видови носат клучни гени за отпорност кон суша, високи температури, растителни болести и штетници , односно во себе имаат генетски атрибути кои се клучни за растителната селекција во услови на глобална еколошка непредвидливост.
Свалбард и глобалната мрежа на ген банки за семиња
Кога се говори за посебно заштитени зони, карактеристичен пример е Свалбардскиот глобален трезор за семиња (Svalbard Global Seed Vault) во Норвешка. Сместен на арктичкиот архипелаг Свалбард, се наоѓа на околу 1.300 километри од Северниот Пол, овој објект е длабоко вкопан во карпите на планината Платобергет, на 130 метри над нивото на морето. Локацијата на оваа ген банка е внимателно избрана.Се наоѓа на трајно замрзната земја која обезбедува ниски температури дури и во случај на тотален прекин на електричната енергија за вештачко ладење. Подрачјето има занемарлива сеизмичка активност и се наоѓа во мирна геополитичка зона.Висината овозможува сигурност дури и при сценарија со драстично топење на снегот на поларните делови на планетата Земја и наголемување на нивото на водата. Свалбард не врши примарни научни истражувања и функционира како „трезор за судниот ден“ или заклучен сеф во кој националните ген банки за семиња ги депонираат свои растителни дупликати и функционира по строго дефинирани правила, меѓународни договори и оперативни протоколи кои гарантираат дека тој останува неутрална, сигурна и глобална безбедносна мрежа. Трезорот е наменет исклучиво за семиња од земјоделски култури и нивните диви сродници кои се важни за производство на храна и земјоделство (Crop Wild Relatives). Трезорот не прима декоративни или собни растенија кои немаат земјоделска или егзистенцијална вредност, ниту пак генетички модифицирани организми (ГМО) чие чување е ограничено со законите на земјата домаќин (Норвешка). Семињата мора да бидат испратени во сува состојба и спакувани во специјални трослојни вакуумирани алуминиумски кесички кои се херметички затворени за да се спречи влезот на влага и кислород. Пакетите се редат во кутии кои се чуваат на стабилна температура од -18°C.Право да депонираат семиња имаат сите национални, регионални и меѓународни генетски банки и институции кои поседуваат колекции на семенски материјал. Целосното правно право и контрола над депонираните семиња ги задржува исклучиво земјата или институцијата која ги испратила. Ниту една друга земја, ниту самата Норвешка, нема право да ги отвора пакетите, да ги анализира или да ги користи семињата без писмено одобрение од сопственикот. Бидејќи семињата сместени во Свалбард се само резервна копија, секое семе што се испраќа таму веќе постои во некоја национална или локална ген банка за семиња. Протоколот за повлекување се активира само кога оригиналната колекција на земјата-депонент е уништена или компромитирана од војна, природна катастрофа, финансиски колапс или технички дефект. Овој модел ја прави оваа арктичка локација за најуспешниот глобален осигурителен систем во историјата на земјоделството.
Покрај Свалбард, постои раширена мрежа на национални и меѓународни институти. Еден од најстарите историски центри е Институтот за растителна индустрија „Вавилов“ во Русија, чија традиција датира од пионерските ботанички експедиции на Николај Вавилов во првата половина на 20 век. Во Велика Британија, Милениумската банка за семиња (Millennium Seed Bank), управувана од Kew Gardens, е фокусирана на сочувување на дивата флора и загрозените автохтони видови од целиот свет.
Соединетите Американски Држави поседуваат една од најразвиените и најдецентрализираните мрежи на банки за семиња во светот, обединета под името Национален систем за растителна гермоплазма (NPGS), управувана од Министерството за земјоделство на САД (USDA). Централниот столб на овој биолошки арсенал е Националната лабораторија за зачувување на генетички ресурси (NLGRP) во Форт Колинс, Колорадо. Овој објект е всушност американски еквивалент на Свалбард и претставува централен трезор каде што се чуваат над 600.000 примероци од близу 12.000 растителни видови. Она што го прави американскиот систем специфичен е неговата структурна децентрализација. Покрај централниот трезор во Колорадо, ширум САД функционираат над 20 регионални специјализирани станици како што се ген банките во Ајова (Амес), Калифорнија (Дејвис) итн. Географската дисперзија на семиња спречува губење на целата збирка во случај на локална природна катастрофа, технички дефект или евентуална епидемија.
Дебати и дилеми
Иако ген банките на хартија звучат како совршен хуманитарен проект за заштита на човештвото, тие не се имуни на остри дебати, геополитички тензии и контроверзии. Од една страна, научната заедница ги гледа овие објекти како единствен начин за преживување во време климатска неизвесност. Но, од друга страна, нивната строго чувана архитектура, изолираните локации и вклученоста на големите корпорации и приватни фондации предизвикува поставување на низа од прашања за кои нема конкретен одговор. Меѓу експертите постои постојана дебата за тоа дали собирањето и патентирањето на семенскиот материјал е само обид на големите корпорации за монополизирањето на земјоделството, претворајќи го во комерцијален ресурс кој е насушно важен за опстанокот на цивилизацијата, или ваквите дебати се дел од длабоко вкоренетиот страв на модерниот човек од губење на контролата врз сопствената егзистенција.






















