


Кога се споменува НАСА, првата асоцијација најчесто се далечните галаксии, мисиите на Марс или астронаутите на меѓународната вселенска станица. Сепак, еден од најзначајните и најдиректните влијанија на вселенската агенција се одвива многу поблиску до нас и тоа на земјоделските површини ширум планетата. Во ера одбележана од климатски промени, зачестените суши и зголемениот притисок врз глобалното производство на храна, технологијата за набљудување на Земјата (Earth Observation) од вселената стана клучен сојузник на агрономијата и дигиталното земјоделство.
Соработката меѓу вселенскиот сектор и земјоделството не е нова, но во последните децении доживеа радикален квалитативен скок. Програмата Landsat, иницирана уште во 1970-тите години во соработка со USGS (United States Geological Survey), ја постави основата за континуирано следење на копнените ресурси. Денес, со основањето на специјализираната програма NASA Harvest, фокусот е директно ставен врз примена на сателитските податоци за проценка на приносите, предвидување на кризи со храна и оптимизација на земјоделските практики.
Во ера кога климатските екстреми, геополитичките тензии и глобалните кризи сѐ почесто го нарушуваат синџирот на снабдување со храна , стабилноста на меѓународните земјоделски берзи е под постојан притисок. Кога некој од водечките производители и извозници на житарици претрпува штета поради суша или воен конфликт, последиците веднаш се преливаат на глобално ниво во форма на ценовни шокови и закана за недостаток од храна во увозните региони. Студијата на Томоко Танака и соработниците (Tanaka et al., 2023), објавена во списанието Communications Earth & Environment, нуди суштинска аналитичка рамка за тоа како технолошкиот напредок во областа на сателитскиот оперативен мониторинг овозможува динамичка рамнотежа помеѓу северната и јужна хемисфера на Земјата. Кога посевите во северната хемисфера влегуваат во фаза на созревање и жетва, земјоделците во јужната хемисфера ги подготвуваат своите површини за сеидба.Како пример за агроекономската поврзаност на двете хемисфери се наведува состојбата на изобилен род на пченица во далечната 2008 година каде што сателитските податоци укажале на тоа дека Русија и Украина ќе остварат за 48% повисок принос од претходната година.Овој ценовен сигнал овозможи земјоделците од Јужната Хемисфера (Аргентина, Австралија, Парагвај, Јужна Африка, Уругвај) да ги намалат засеаните површини за 2,8 милиони тони, спречувајќи колапс на цените поради хиперпродукција.Понатаму, веќе во 2012 година се прогнозираше суша и пад на производството за 15,3%. Одговорот на јужната хемисфера беше зголемување на производството од 2,6 до 3,5 милиони тони што овозможи ценовниот шок кај земјите увознички како Индија и Јапонија да се ублажи за 1,1 до 12,5 процентни поени.Сличен е примерот и со разорната суша во јужен Бразил каде што производството на соја претрпе пад од 35%. Раната сателитска детекција во април овозможи фермерите во САД и Канада да ги зголемат своите површини под соја за 5% до 7% (дополнителни 4,4 милиони тони). Оваа реакција го неутрализираше глобалниот ценовен скок и овозможи стабилизација на увозните цени за земји како Мексико, Јапонија и Индонезија.
И покрај тоа што истражувањата на Томоко Танака и соработниците (Tanaka et al., 2023) покажаа огромни можности, имплементацијата на ваков авто-корективен систем бара неколку клучни услови од кој што најзначајни се протекционистичките мерки и увозно-извозните царини кои го прекинуваат ценовниот сигнал и го блокираат позитивниот производствен одговор на спротивната хемисфера.Што значи дека царините и протекционистичките мерки не овозможуваат стабилизација на цените за потрошувачите , туку обратно предзвикуваат раст и инфлација на цените на житото во овој случај. Научниот труд на Танака и соработниците (Tanaka et al., 2023) докажа дека сателитските технологии на НАСА ги надминаа рамките на чисто научен инструмент за мониторинг. Тие стануваат есенцијален глобален ресурс кој што преку намалување на информацискиот јаз за состојбите на терен, директно придонесува кон стабилизирање на глобалните пазари и заштита на најранливите популации од прехранбени кризи.






















