


Во современиот свет, кој се карактеризира со брзи технолошки промени, дигитализација и глобална конкуренција, знаењето претставува најважниот ресурс за развојот на секое општество. Прашањето каде се наоѓа најобразованото население во светот и кои земји инвестираат најмногу во академски кадри е тема на бројни истражувања. Според добиените податоци европските земји традиционално доминираат на врвот кај образовните достигнувања на возрасната група меѓу 25 и 64 години. На светско ниво, Ирска често се издвојува како лидер, каде што над половина од населението во оваа возрасна група поседува високо образование. Покрај Ирска, земји како Швајцарија, Сингапур, Луксембург, Обединетото Кралство и Канада редовно се на врвот на овие глобални рангирања. Доминацијата на овие држави не е случајна. Таа е резултат на долгорочни стратешки инвестиции во образовниот систем, бесплатни или субвенционирани студии, како и привлекување на високо квалификувани странски кадри. На пример, во Ирска големиот процент на образовани луѓе е дополнително зголемен од присуството на меѓународни професионалци кои го препознаваат пазарот на трудот како центар на технологиите и финансиите. Во Соединетите Американски Држави 41% од работоспособното население на возраст од 25 до 64 години поседува високо образование. Сепак, примерот со САД е доста специфичен по основ тоа како функционира нивниот образовен систем. За разлика од многу европски земји каде високото образование е целосно или делумно државно финансирано и бесплатно, американскиот систем се потпира на високи школарини, што создава значителни финансиски долгови за голем дел од граѓаните.Во секој случај САД се дом на некои од најпрестижните светски институции (како Харвард, МИТ, Стенфорд), кои функционираат како глобални магнети за научни истражувања и привлекување на таленти.
Иако развиените економии бележат високи проценти на дипломирани студенти (често над 40% до 50% од работоспособното население), глобалната слика открива длабоки јазови помеѓу различните региони. Во одредени земји од Јужна и Источна Европа, како и во земјите во развој од глобалниот југ, процентот на лица со високо образование значајно опаѓа, паѓајќи дури под 20–30%.
Овие разлики отвораат сериозни прашања за економската иднина. Земјите со понизок процент на високообразовани кадри често се соочуваат со предизвици во привлекувањето на инвестиции со висока додадена вредност, потпирајќи се главно на индустрии кои бараат евтина работна сила. Од друга страна, вишокот или несоодветната структура на дипломирани кадри во однос на потребите на пазарот на труд може да доведе до феноменот на „одлив на мозоци“ (brain drain), каде што младите и образовани луѓе ја напуштаат својата родна земја во потрага по подобри можности.Бидејќи постои директен статистички сооднос помеѓу силата на образовниот систем, капацитетот за иновации и економскиот развој на една држава. Земјите со висококвалитетно образование не едуцираат само работници за извршување рутински задачи, туку креираат критичка маса на инженери, научници и претприемачи. Иновациските индекси (како оние на Светската организација за интелектуална сопственост - WIPO) покажуваат дека лидерите во иновации на патенти, вештачка интелигенција и нови технологии се токму државите кои инвестираат најмногу во научноистражувачка работа во рамките на своите универзитети. Економиите што се потпираат на евтина работна сила лесно паѓаат во таканаречената „клопка на среден доход“(Middle-Income Trap). Терминот „клопка на среден доход“за првпат е воведен од економистите на Светска банка во 2007 година иозначува термин во развојната економија кој опишува ситуација во која една држава успева брзо да прерасне од сиромашна економија во економија со среден доход, но потоа нејзиниот економски раст застанува (стагнира) и таа не може да премине во категоријата на богати, високоразвиени земји. Клопката на среден доход се манифестира на многу сликовит начин, каде што со текот на времето платите и стандардот за живот растат, додека државата станува прескапа за да конкурира на глобалниот пазар со евтина работна сила при што ја губи во трката со посиромашните земји, како што се државите од Азија или Африка. Во исто време, таа нема доволно развиена технологија, квалитетно образование и иновации за да се натпреварува со најнапредните и најбогатите држави и тој начин економијата останува „заглавена во средината“. Во светската економија, земјите со висококвалитетни образовни системи се поотпорни на кризи. Тие побрзо се адаптираат на технолошките шокови (како автоматизацијата и вештачката интелигенција) бидејќи нивната работна сила поседува флексибилност за преквалификација и способност за доживотно учење.Инвестицијата во образованието не е социјална категорија или трошок за државниот буџет, туку е стратешката економска одлука што една држава може да ја направи. Квалитетното образование ги поттикнува иновациите, ја заштитува економијата од глобални шокови и претставува единствениот сигурен мост за долгорочен просперитет и развој.
Референци:
Hanushek, E. A., & Woessmann, L. (2015). The knowledge capital of nations: Education and the economics of growth. MIT Press.
OECD. (2024). Education at a glance 2024: OECD indicators. OECD Publishing.
World Bank. (2020). The Human Capital Index 2020 update: Human capital in the time of COVID-19. World Bank Group.
World Intellectual Property Organization. (2024). Global Innovation Index 2024: Unlocking the promise of social entrepreneurship. WIPO.






















