logo
  1. Дома
  2. Наука и Едукација
  3. Технолошката елита во САД ги заобиколува универзитетите
Технолошката елита во САД ги заобиколува универзитетите

Наука и Едукација

Технолошката елита во САД ги заобиколува универзитетите

September 23, 2026 Глигор Бојков

Најмоќната фирма за венчур капитал (Заб. прев.: вложување во високоризични, но потенцијално многу профитабилни проекти или стартапи) во Силициумската долина започнува двегодишно приватно училиште замислено да го замени факултетското образование, во време кога дел од американската технолошка елита сè повеќе се сомнева во придобивките од традиционалните универзитети.  

Новата институција, наречена „Horowitz Andreessen Academy“(HAA), е поддржана од прекалните инвеститори Marc Andreessen и Ben Horowitz — основачи на гигантот за венчур  капитал Andreessen Horowitz.

Според официјалното соопштение, студентите ќе имаат можност да слушаат предавања од водечки имиња во технолошката индустрија, меѓу кои се директорот на Nvidia – Jensen Huang, првиот човек на Microsoft –Satya Nadella, основачот на Uber – Travis Kalanick и поранешната извршна директорка во OpenAI – Mira Murati.

Проектот го поставува самиот Сан Франциско во фокусот, опишувајќи го градот како исклучително отворен за нови дојденци и главен центар за иновации.

„Веруваме дека ова може да стане елитна институција која ќе ги привлече најдобрите таленти — институција која ги подготвува студентите за иднината наместо да остане заглавена во минатото“, изјави извршниот директор на академијата, Gagan Biyani.

Проектот веќе обезбеди 42 милиони долари од познати инвеститори, меѓу кои се извршниот директор на Shopify – Tobi Lutke, директорот на DoorDash – Tony Xu, како и поранешната раководителка на Instacart и OpenAI – Fidji Simo.

„Живееме во ера на бесконечно знаење, а влегуваме во ера на бесконечна акција“, истакнуваат од академијата во нивната почетна објава.

Нов модел на учење: Без класични предавања

Извршниот директор на академијата Gagan Biyani појасни дека програмата ќе ги замени класичните сувопарни предавања со независни, бизнис-ориентирани проекти. Овој модел тој го опишува како поблизок до туторскиот систем на Оксфорд или методот Монтесори, отколку до конвенционалните универзитети.

Историјата на Силициумската долина изобилува со познати основачи кои никогаш не завршиле факултет — Бил Гејтс (Microsoft) и Марк Закерберг (Facebook) го напуштија Харвард, додека Стив Џобс (Apple) се испиша од колеџот Рид. Овој пример често се користи во технолошкиот сектор за да се докаже дека универзитетската диплома не е предуслов за создавање голема компанија и дека младите претприемачи не треба да губат време во училница.

Академијата се приклучува кон сè поголемиот број иницијативи поддржани од ризичен капитал, чија цел е да ги привлечат младите таленти надвор од традиционалните четиригодишни студии. Чест аргумент зад овие иницијативи е дека американските универзитетски кампуси станале премногу либерални или анти-бизнис ориентирани.

Сличен пример е и програмата Thiel Fellowship, основана во 2011 година од десничарскиот милијардер и инвеститор Peter Thiel, која им плаќа на избрани млади луѓе 250.000 долари во текот на две години за да го прескокнат или напуштат факултетот и да започнат сопствени компании.

Партнерства со индустриските гиганти

Повеќе од 30 водечки компании — меѓу кои Anthropic, Coinbase, Meta, Nvidia, OpenAI, Palantir, Replit и Stripe — се приклучија како партнери на академијата. Овие компании на студентите ќе им понудат работно искуство, менторство и компјутерски ресурси, во замена за рана достапност до најдобрите нови таленти.

Пријавувањето е отворено за бесплатна пилот-година која ќе започне во септември 2027 година со група од 50 студенти. По пилот-фазата ќе следи целосната двегодишна платена верзија на програмата, за која Бијани најави дека ќе има цена слична на елитните приватни универзитети.

За споредба, годишната школарина на Универзитетот Стенфорд — сместен во срцето на Силициумската долина — изнесува 67.731 долари за академијата 2026/2027 година, без вклучено сместување и храна.  

 

Поврзани статии
logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image