logo
  1. Дома
  2. Земјоделие
  3. Еска на лозата (Esca): Комплекс на болести на дрвенестото ткиво
Еска на лозата (Esca): Комплекс на болести на дрвенестото ткиво

Земјоделие

Еска на лозата (Esca): Комплекс на болести на дрвенестото ткиво

September 19, 2026 Глигор Бојков

Еската е една од најстарите опишани болести кај виновата лоза за која има податоци уште од античко време. Се претпоставува дека започнала да се развива уште од самите почетоци на лозарското производство, а нејзиното присуство директно е поврзано со намалување на долговечноста и економската исплатливост на насадот.

На почетокот од XX век во јужна Италија, терминот еска бил усвоен од лозаро-производителите и во основа се однесувал на симптомите на апоплексија (акутна форма на болеста што се карактеризира со брзо одумирање на растението и појава на изгниени пењушки, за што претходно се користел латинскиот термин tinder).

Ова заболување е познато и под голем број други англосаксонски називи со интернационална употреба во стручната литература:

Black measles – црни сипаници на зрната;

Petri disease / Young vine decline / Black goo – симптоми кај младите лозови насади;

White rot / Esca proper – гниење на повеќегодишното дрво или пењушката;

Grapevine leaf stripe disease (GLSD) – симптоми на листовите.

Комплексноста на оваа болест произлегува од микозната хетерогеност на видовите кои се присутни во дрвенестите делови на лозата. Обемните истражувања на Hofstetter et al. (2012) јасно ја опишуваат еската како комплексно заболување. Според нивните експерименти, идентификувани се околу 158 видови поврзани со етиологијата на еската. Од нив, 150 видови преку молекуларно-генетски анализи (базирани на ITS DNK кодови) биле идентификувани дека припаѓаат на Ascomycota, Basidiomycota и Mucoromycotina, додека останатите 8 биле морфолошки детерминирани. Етиологијата на болеста сè уште не е докрај разјаснета поради големиот број патогени присутни во дрвото. Наодите на Hofstetter et al. (2012) укажуваат дека најзастапени патогени кај лозите со симптоми на еска биле аскомикотните габи Phaeomoniella chlamydospora и Phaeaoacremonium aleophilum, додека базидиомикотните габи (Stereum hirsutum, Fomitiporia mediterranea и Phellinus igniarius) биле присутни во драстично помал процент. Иако базидиомикотните габи историски се поврзувале со првите симптоми на еска, според Graniti et al. (2000) синдромот не може целосно да им се припише нив, бидејќи со користење на Коховите постулати никогаш не се репродуцирале симптомите во експериментални услови. За разлика од нив, инокулацијата врз здрави лози со P. chlamydospora и P. aleophilum по една година развила карактеристични симптоми, со што е заклучено дека тие се главните и примарни причинители. Економската штетност е видлива доколку се следи развојот во подолг временски период. Симптомите се појавуваат помеѓу 5-тата и 10-тата година и постепено зафаќаат сè повеќе лози (во некои 10-годишни насади и до 20%). Појавата на симптомите е променлива од година во година и зависи од наизменичната појава на сушни и врнежливи периоди.

Симптоми

Симптомите на еската се групираат во три категории:

1.Симптоми кај лозовиот посадочен материјал;

2. Симптоми кај млади лозови насади (стари до 7 години);

3. Симптоми кај постари лозови насади;

Симптоми кај посадочниот материјал и младите насади

На попречен пресек на едногодишни садници се забележуваат кафеави до црни точки дифузно распоредени помеѓу спроводните садови (Слика 1-А). На надолжен пресек се забележуваат темни ленти долж спроводните садови околу централниот дел (Слика 1-B).

Слика бр. 1  Симптоми на еска кај млади лозови садници.А-  Црни точки дифузно распоредени помеѓу спроводните садови на едногодишна лозова садница.B-Приказ на темни ленти по должината на спроводните садови кај едногодишна лозова садница

Неколку минути по пресекот, од нив се излачуваат гумозни материи – симптом познат како „black goo“ (Слика 2).

Слика бр. 2 Излачување на гумозни материи на направен пресек на стебло од лозова садница –black goo

Како најчест причинител за угинување на младите садници во расадниците и насадите до 7 години се смета видот Phaeaoacremonium aleophilum. Инфицираните млади лози покажуваат намалена дебелина на ластарите, скратени интернодии, сушење на ластарите и хлоротични листови (особено на врвовите) кои подоцна некротираат и потсетуваат на недостиг од микроелементи.

Симптоми кај постарите лозови насади

Кај постарите насади симптомите ги предизвикува Phaeomoniella chlamydospora и се јавуваат во две форми:

Хронична форма: Се развива бавно. Прво се јавуваат симптоми на најдолните листови во основата кои наликуваат на недостиг од магнезиум (Mg) (Слика 3-A). Кај белите сорти листовите пожолтуваат од периферијата кон ткивото меѓу лисните нерви, додека кај црните сорти ова ткиво поцрвенува.На листовите се јавуваат жолти или црвени дамки кои се шират и некротираат, создавајќи карактеристични тигрови шари (Tiger stripe). Заедно со листовите се сушат и гроздовите(Слика 3-B и 3-C). Симптомите се неконзистентни и варираат од година во година.

Слика бр.3 Споредбени симптоми. А-недостаток од Магнезиум (Mg). B-Симптоми на еска кај бела сорта грозје.C-симптоми на еска кај црна сорта грозје

Кај некои бели сорти на зрната се појавуваат ситни црни точки (black measles / црни сипаници) (Слика 4).

Слика бр.4 Црни сипаници-Black measles кај бели трпезни сорти

Акутна форма (Апоплексија): Се карактеризира со брзо и изненадно одумирање на делови или на целата лоза, најчесто во средината на летото (јули) (Слика 5-А).

Слика бр.5 А- Изненадно изумирање на лозата предизвикано од еска (акутна форма на болеста). B- Напречен пресек на двогодишно дрво на лозата со карактеристични симптоми на некроза на спроводните органи

            Заштитни мерки

          Во тек на вегетација: Лозите што ќе покажат симптоми треба да се ослободат од родот, а заболените делови да се отстранат/изрежат. На направените пресеци задолжително се нанесува фунгицид на база на бакар.

       Зимски третмани: Се препорачуваат доцни зимски прскања со калциум полисулфид (варовно-сулфурен раствор) кај претходно обележаните заболени лози. (Прим.прев., Калциум полисулфид во земјоделието познат и како варовно-сулфорен раствор кој е неорганска хемиска смеса што се добива со реакција на калциум хидроксид односно гасена вар Ca(OH)2, и елементарен сулфур  во присуство на вода при загревање. )

     Начин на апликација: Зимските третмани мора да се изведуваат со поголема количина на вода за темелно да се натопат пењушките, со цел растворот да продре под кората и да дојде во контакт со заболеното ткиво.

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image