logo
  1. Дома
  2. Свет
  3. Економските и финансиските предизвици во развојот на новите фунгициди
Економските и финансиските предизвици во развојот на новите фунгициди

Свет

Економските и финансиските предизвици во развојот на новите фунгициди

September 17, 2026 Глигор Бојков

Откривањето, развојот, производството и маркетингот на фунгицидите се одвиваат речиси исклучително во приватниот сектор, од страна на големи, независни и мултинационални компании. За разлика од ова, селекцијата на растенија и советодавните активности, кои ги поддржуваат генетските и агротехничките методи за контрола на болестите, до неодамна беа главно во доменот на државните агенции и универзитетите. Подршката при  истражувањето  на фунгицидите  е прилично ограничена од страна на јавниот сектор и се сведува главно на некои базични лабораториски анализи. Како и сите претпријатија од приватниот сектор, компанијата што произведува фунгициди треба да обезбеди задоволителна стапка на поврат на инвестициите за своите инвеститори и да генерира профит кој е од суштинско значење за растот и развојот на компанијата. Бизнисот со агрохемикалии е капитално интензивен, а компаниите постојано ги преиспитуваат своите комерцијални цели. Тие ги фокусираат своите активности на целни групи и пазари кои се доволно големи за да ги поддржат трошоците за развој на нови производи. Растителните болести кои предизвикуваат економски штети во земјоделството се значајни двигатели во развојот и откривањето на нови фунгицидни материи. На пример, клучната болест што го движеше најголемиот дел од развојот на фунгицидната индустрија во Европа во последните 30 години беше болеста Septoria tritici кај нас позната како „септориоза на пченицата“.Дури до 1 милијарда долари годишно се трошат  само на фунгициди за контрола на оваа болест  во Европа. Покрај тоа фитопатогената габа S.tritici се карактеризира со голем број на физиолошки и генетски видоизмени што доведува до зголемена отпорност спрема фунгицидите и на крај сето тоа условува последователно да бидат пуштени во употреба голем број на фунгицидни материи за да ја стават под контрола на терен.

Се поставува прашањето : Колкаво треба да биде  нивото на поврат на вложените  финансии кои решаваат  некој проблем во заштитата на растенијата? За да се одговори на ова прашање, потребно е да се увидат трошоците кои се вклучени во процесот на откривање и развој новите фунгицидни материи за на крај да се разберат финансиските прагови што компаниите ги наметнуваат при     продажбата на производите. Тековните просечни трошоци во индустријата за развој на нов фунгицид се приближно од 280 до 350 милиони долари, вложени во период од над 11 години. За да се добие еден комерцијално успешен синтетички фунгицид, денес е потребно да се анализираат од 160.000 до 180.000 хемиски соединенија, што е многу ниска стапка за успех. За агрохемиска компанија да влезе во развој на нов конвенционален фунгицид, целниот пазар мора да гарантира долга низа на години каде што во тек на една година ќе се гарантира продажба од над 250–300 милиони долари во фаза кога производот ја достигнува максималната точка на продажба и профитабилност.

Две третини од вкупните трошоци се припишуваат на испитувања на биолошката ефикасност и исцрпни тестирања за токсиколошка и еколошка безбедност заради ригорозните регулаторни барања за животна средина во Европа кои ги поскапуваат и онака скапите производи што на крај доведува до зголемување на производната цена на земјоделските производи и ниската откупна цена која им е неисплатлива на производителите на храна. Проблемот е веројатно многу посложен бидејќи овде разгледуваме само еден аспект.

 

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image