logo
  1. Дома
  2. Земјоделие
  3. Тивок убиец на приносот на лозјето: сив гроздов молец -Polychrosis (Lobesia) botrana
Тивок убиец на приносот на лозјето: сив гроздов молец -Polychrosis (Lobesia) botrana

Земјоделие

Тивок убиец на приносот на лозјето: сив гроздов молец -Polychrosis (Lobesia) botrana

August 24, 2026 Глигор Бојков

Сивиот гроздов молец (Lobesia botrana) претставува еден од најголемите економски штетници во современото лозарство. Иако самиот инсект прави директна штета со исхраната на цутот и зрната, неговото најразорно влијание лежи во поттикнувањето на развојот на сивото гниење на грзјето (Botrytis cinerea). Познато е дека гасениците кои се исхрануваат со зрна кои се инфицирани со B.cinerea имаат поголема плодност во стадиум на возрасен инсект-имаго. Последица од ваквата интеракција е зголемување на популацијата на гроздовите молци особено во врнежливи години за време на зреењето на грозјето  За зачувување на приносот и квалитетот на грозјето, клучна е навремената заштита и контролата на овој штетник и правилен избор на инсектициди.

Ареал на распространување  на сивиот гроздов молец и неговите алтернативни растителни домаќини

Овој штетник (L.botrana) е со потекло од палеарктичкиот регион (прим.прев., Поимот палеарктичкиот регион потекнува од старогрчките зборови palaios (старо) и arktos (север), што во превод значи „старо северно царство“.Овој термин се користи во биогеографијата, зоологијата и ботаниката за да се опише подрачје што дели заедничка еволутивна историја, климатски услови и карактеристична флора и фауна.) , но денес има исклучително широка планетарна застапеност.

Листа на држави и геогравски  региони каде што е регистриран сивиот гроздов молец според Lucchi & Scaramozzino (2018)

Застапеноста на L.botrana во некој геогравски регион укажува на климатски услови кои можат да се окарактеризираат како сушни со периодична влажност во текот на вегетацијата и кои имаат  ниско стеблеста и грмушкеста вегетација. Некои истражувачи тврдат дека грмушката Daphne gnidium L. (фам. Thymelaeceae) е вистинскиот оргинален домаќин на сивиот гроздов молец додека неговата адаптација кон виновата лоза е од скорешен датум.Во националниот парк во Тоскана,Италија L. botrana се исхранува на D. gnidium   при што истовремено животниот циклус на молецот е синхронизирансо развојот на в.лоза. Ларвите од првата генерација на сивиот гроздов молец се исхрануваат со листовите на D. gnidium   додека ларвите од втората и треттата генерација се хранат со цветовите и зрната на лозата  со што се објаснува можната адаптација на молецот кон в.лоза низ годините .На Крит на пример L.botrana се исхранува исклучиво на цветовите на маслинките без да ги напаѓа плодовите што е тесно поврзано со моменталната достапност на храна продолжувајќи понатаму да ја напаѓа в.лоза во наредните фази од нејзиниот развој. Според  базата на податоци на EPPO ( прим. прев., Кратенката EPPO  се однесува за Европска и медитеранска организација за заштита на растенијата ), изработена е листа на алтернативни растителни домаќини за L.botrana на кои може да се исхранува и која има за цел да ги обезбеди специфичните информации за овој штетник за да се разбере флористичкиот амбиент во кој се одвива неговиот животен циклус.Што значи и да се намали примарна површина на лозови насади , сивиот гроздов молец ќе продолжи да се развива на т.н. алтернативни домаќини кои се составен дел на секојдневниот еколошки амбиент на регионот.

Биологија и развојни фази на гроздовиот молец

           Во лозарските региони кај нас и на Балканскиот полуостров L.botrana разива три генерации годишно .Во ентомолошка смисла една генерација го опфаќа периодот на развој на инсектот од стадиум на јајце,ларва,кукла и возрасен инсект-имаго.

Приказ на развојни стадиуми кај L.botrana. А) јајце, Б) ларва, В) кукла, Г) сети на дорзалната страна на куклата, Д) имаго, Ѓ)  Приказ на оштетено зрно локалитет Смилица-Кавадарци (фотографија од истражувањето, 2018)

Сивиот гроздов молец презимува во стадиум на кукла под кората на лозата. Летот на првата генерација се појавува во пролет кога редоследно во период од 10 до 15 дена температурата на воздухот е поголема од 10°C. Мажјаците се појавуваат неколку дена пред женките ( феномен кој што е познат како протандрија).Пеперутките во текот на денот мируваат, летаат пред изгревањето и пред залезот на сонцето.Фекундитетот на  една женска единка е околу 100 јајца. Фекундитет е вкупниот број на јајца што една женка е способна да ги положи во текот на својот животен век. Јајцата од првата генерација женките ги полагаат во соцветијата на лозата или ресите. Ембрионалниот развој трае околу 10 дена и врз основа на надворешниот изглед на јајцата погледнати под лупа се разликуваат три фази:рана ембрионална  фаза, фаза на почеток на пигментација на очите или т.н. “видливи очи“ ( ова е предупредување и означува дека пилењето ќе започне за неколку дена. ) и фаза на црна капа.

Приказ на ембрионалниот развој на јајцето на L.botrana  А) Рана фаза од ембрионалниот развој на јајцето, Б)Фаза фаза на почеток на пигментација на очите или т.н. “видливи очи“, В)Стадиум на развој од ембрионалниот развој кој е познат како “црна капа“  и         Г) Момент на испилување на ларвата кој што не е дел од ембрионалниот развој

Штотуку испилените млади гасеници од првата генерација ги напаѓаат цветните пупки и младите заметнати зрна, правејќи пајажинести запредоци во кои се кријат. Возрасната гасеница го напушта запредокот и се кукли под кората на лозата. Пеперутките од втората генерација се појавуваат на крајот јуни  и летаат до средина на јули и временски оваа генерација најкратко трае .Женките ги полагаат јајцата на зелените зрна кои се со големина  на зрно од грашок.По завршувањето на ембрионалниот развој ларвите од втората генерација се вбушуваат во зрната и на местото на оштетувањето на површината на зрното се појавува сино-виолетова боја. Летот на третата генерација временски најдолго трае и започнува на крајот на јули или почеток на август и трае до почетокот на октомври. Оваа фаза е економски најштетна ,  бидејќи гасениците ја нагризуваат и  ја оштетуваат покожицата на зрелото грозје, при што како последица се појавувува сивото гниење (B.cinerea).Гасениците од третата генерација најчесто се лоцирани во средишниот дел од гроздот, каде што една гасеница во просек може да уништи и оштети од 5 до 6 зрна, што е доволно да се наруши механичката структура и целовитоста на плодот. Ваквите напади особено негативен ефект даваат кај сортите со збиена структура на гроздот. Масовниот лет на третата генерација и полагањето на јајцата обично се случува на температура од 20 до 27 °C при што минималната релативна влажност  на воздухот која е потребна за да се одвива нормално ембрионалениот развој за време на стадиумот на јајце   е 60%. Јајцата на L.botrana се сушат доколку релативната влажност на воздухот падне под 40 % и тогаш ампелотехничките мерки како што е дефолијацијата на листовите околу гроздовите многу помага да се спречи појавата и развојот на ларвите. Дефолијацијата околу гроздовите е основна мерка за борба против сивиот гроздов молец посебно при шпалирен систем на одгледување на лозите.Обезлистувањето овозможува поголемо струење на ветерот низ хабитусот на лозата и полесно навлегување на сончевите зраци при што се намалува релативната влажност помеѓу листовите и гроздовите што неповолно делува врзембрионалниот развој и пилењето на ларвите. Загубата на приносот може да биде и до 90%  доколку за време на развојот на третата генерација  настанат повеќекратни  обилни врнежи во краток временски интервал чија што количина надминува 20 L/m2.

. Животен циклус на L.botrana

Сепак погледнато генерално бројот на генерации зависи од географската широчина, климата и специфичностите на рељефот кои влијааат врз  микроклимата на локалитетите.На пример во Германија,Швајцарија,Австрија и северна Франција L.botrana има две генерации додека три генерации или понекогаш и четири има во јужните делови на: Франција,Шпанија,Португалија,Грција и Италија.На островот Малта L.botrana  има 5 генерации .Во Израел,Египет и Крит  популациите на гроздовиот молец не одат во хибернација или презимување   туку  зимата ја поминуваат во стадиум на ларва активно хранејќи се на некој од алтернативните домаќини.

Мерки за заштита противсивиот гроздов молец ( L.botrana )

Нападот на L.botrana  врз лозовите насади најчесто се контролира со рутинска употреба на инсектициди. За да биде ефикасна употребата на инсектициди потребен е мониторинг и следење на летот на гроздовиот молец за да се определи правилно периодот на хемиски третирања. Најчесто се препорачува да се  третира од 7 до 10 дена по максималниот лет за секоја генерација.Максималниот лет се определува најчесто со бројот на уловени единки во фермонските трапови.  Кога имаме појава на максимален број на единики на терен во тој момент најголем број  од вкупната популација на женки започнуваат да полагаат јајца , при што од полагањето на јајцето до испилувањето на ларвата  временски  изнесува од 7 до 10 дена и затоа се препорачува да се третира од 7 до 10 дена попојавата на максималниот лет на молецот.

Суштината на мониторингот и следењето на летот на L.botrana е да се истретира ларвата во првиот ларвен стадиум (L1-стадиум), тоа стадиумот на млада и штотуку испилена ларва од јајце, бидејќи се наоѓа во најосетливата и најранливата фаза од својот развој, со што се зголемува ефикасноста на инсектицидите. Во покасните фази од развојот кога ларвата ќе стане поголема и кога има поголема маса како што е во четвртиот ларвен стадиум (L4-стадиум) тогаш е многу поотпорна и со тоа ефикасноста на инсектицидите драстично се намалува. Против првата и втората генерација  најчесто се изведуваат од 1 до 2 прскања,додека против третата генерација која е економски најштетна се спроведуваат и до три хемиски третмани, особено ако имаме влажно време и продолжен лет на молецот во септември.Најголеми грешки настануваат кога нема точно да се определи временскиот период на хемиските третирања и со тоа настануваат огромни економски штети. Со спуштање на температурите и појавата на сланите прекинува активноста на  сивиот гроздов молец, ова е особено значајно за сортите кои не се обрани во регуларен временски рок и се оставени за касна берба.За сузбивање на L.botrana постои широк спектар на инскетициди, но основно правило при употребата на хемиските мерки е да се внимава на механизамот на дејство на активни материи.Под механизам на дејство на инсектицидите се подразбира начинот на кој една активна материја предизвикува нарушување на нормалните животни функции, парализа или смрт кај инсектот. Честата употреба на инсектициди со ист механизам на дејство води до развој на отпорност кај популацијата.Затоа при хемиските третмани е потребно да се ротираат инсектициди со различен механизам на дејство за да не се создадат отпорни единки од гроздовиот молец кон инсектицидите.Ваквиот модел во стручната јавност е познат како анти-резистентна стратегија за борба против штетните инсекти. Авторот на оваа статија ги презентира само имињата на активните материи, без да ги спомнува трговските називи на препаратите за да се избегне било каква пристрасност кон одредена хемиска куќа, бидејќи повеќето компании ги имаат подолу наведените активни материи но под различни трговски називи.

Современите сознанија за негативната улога на хемиските мерки во животната средина и биодиверзитетот, ги одредуваат главните правци во заштитата на растенијата како што се намалената употреба на пестициди и вклучување на алтернативни, еколошки методи.Семиохемикалиите особено сексуалните феромони за мониторинг и феромоните за спречување на копулацијата се меѓу најперспективните методи за управување со популацијата на штетните инсекти.Во Македонија феромоните за спречување на копулацијата (mate disruption pheromones,   MD-феромони) за прв пат беа интродуцирани во 2005 година против сивиот гроздов молец на површина од 5 ha.Резултатите покажаа намалување на бројноста и успешна контрола на  L.botrana во првата и во втората генерација ,но против третата генерација на сивиот гроздов молец употребата на инсектициди беше неопходна мерка.

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image