logo
  1. Дома
  2. Земјоделие
  3. Дивата метла од обичен плевел во лозовите насади до „суперплевел “ кој што е резистентен на хербицидот глифосат
Дивата метла од обичен плевел во лозовите насади до „суперплевел “ кој што е резистентен на хербицидот глифосат

Земјоделие

Дивата метла од обичен плевел во лозовите насади до „суперплевел “ кој што е резистентен на хербицидот глифосат

August 28, 2026 Глигор Бојков

Секој што обработува земја или има овоштарник и лозје во последните неколку години забележува еден ист проблем, плевелот што локално сите го нарекуваме дива метла (или едноставно метла) станува сè потежок за уништување. Она што порано се решаваше со едно рутинско прскање со тотални хербициди на база на глифосат, денес прераснува во вистинска борба на терен. Во стручната литература овој вид е познат како Conyza canadensis(во постарата литература водена и како Erigeron canadensis), растение од фамилијата Asteraceae. Иако денес е распространета  на секој чекор, метлата е инвазивен вид со потекло од Северна Америка кој со текот на времето целосно се адаптираше на нашите простори. Причината зошто често настанува забуна околу нејзиното присуство во литературата е тоа што во постарите прирачници се користи генеричкото име Erigeron, додека современата таксономија преферира Conyza. Дополнително, во пракса на терен во последниве години се појавуваат и сродни инвазивни видови од истиот род (како Conyza bonariensis и Conyza sumatrensis), кои исто така покажуваат висок степен на резистентносткон глифосатот и морфолошки се многу слични.Дивата метла е широколисен плевел и обично е појавува напролет во фаза на розета , а потоа се забележува силен пораст достигнувајќи висина од 70 до 150 см.Цветањето започнува во втората половина од летото со формирање на мали цветни главички на врвовите од разгранетите стебленца. Едно растение од дива метла може да произведе од 50.000 до над 200.000 семиња.Притоа семињата имаат “папус“ односно апарат за летање, што значи дека брзо и лесно се шират со помош на ветровите.Семињата кога ќе паднат во почвата може да опстанат околу три години што претставува потенцијална флора на почвата и овозможува континуирано размножување на овој плевел.

Приказ на цветните главички на дивата метла. Во горниот лев агол е прикажано семето со папус-апарат за летање и ширење низ просторот

Поимот суперплевел означува растителен биотип кој преку процес на природна селекција развил отпорност односно резистентност кон одреден хербицид кој што порано без проблем го уништувал. Хронолошки погледнато првиот резистентен плевел кој е официјално регистриран е Commelina diffusa во 1957 година на Хаваите во плантажите со шеќерна трска ( Saccharum officinarum). Поради долготрајната и интензивна употреба на 2,4-D на плантажите со шеќерна трска на Хаваите, овој плевел развил резистентност, што го прави еден од најраните историски документирани примери за резистентност на плевели кон синтетички ауксини во светот. Понатаму, според официјалната веб-страница на Интернационалната база на податоци за плевели резистентни на хербициди (International Herbicide-Resistant Weed Database) во последните 50 години стотици видови на плевели развиле отпорност кон различни групи на хербициди.

Херболошките извештаи објавени во периодот меѓу 1995 и 2001 година потврдуваат појава на првична (почетна) отпорност кон глифосатот кај плевелниот вид Conyza canadensis. Главна причина за оваа појава е децениската монотона употреба на активната материја глифосат како единствено решение за борба против плевелите во меѓуредовиот простор на лозовите насади. Најчеста препорака е хербицидите да се користат за време на интензивниот раст и развој на плевелите,односно кога нивната висина се движи од 10 до 20 см бидејќи тогаш се постигнува најсилен ефект во борбата плевелната флора. Глифосатот е најпродаваниот хербицид на светот кој наишол на голема примена во лозарството. Овој хербицид е комерцијално воведен во пракса од фирмата „Monsanto Co“ во 1974 година, и се применува после никнувањето на плевелите на земјоделските и неземјоделските површини.Се карактеризира со  неселективно и системично (транслокационо) дејство и може да се користи против едногодишните и повеќегодишните плевели вклучувајќи и некои дрвенести растенија. После примената на глифосатот пожелно е да нема врнежи од 4 до 6 часа.Симптомите на венењето, сушењето и пожолтувањето на хабитусот на плевелите се забележуваат од 2 до 4 дена,после апликацијата на хербицидот. Кај плевелите глифосатот ја инхибира биосинтезата на ароматичните аминокиселини и со тоа го спречува растот на растенијата што на крај предизвикува сушење и одумирање.  Перзистентноста на глифосатот во полски услови била предмет на бројни истражувања.Податоците за перзистетноста на глифосатот укажуваат за неговата постојаноство почвата која трае од 249 дена до 3 години. Проучувањата покажале дека глифосатот не се метаболизираво растенијата и главниот пат за деградација е микробиолошкото разложување во почвата.

Главниот виновник  за развивање на резистентноста на метлата (Conyza canadensis  ) кон глифосатот се  несоодветните земјоделски практики како што е  користење на хербицидот кога плевелот не е веќе во фаза на пораст, односно когалигнификацијата на растението е во напредна фаза. Лигнификацијата е процес во кој растението ги „зацврстува “и „задрвенува “сопствените клетки за да добие стабилност и цврстина, со помош на материјата лигнин (сложен природен полимер) која делува како армиран бетон. Лигнифицираните растенија се крути и механички отпорни на кинење и кршење. Притоа, лигнинот претставува физичка бариера преку која хербицидот не може едноставно да се пробие, да навлезе во спроводните ткива и на крајот да го манифестира своето хербицидно дејство. Наспроти ова, во раните фази од развојот (во фаза на розета), пасивното и активното апсорбирање на глифосатот преку кутикулата е максимално ефикасно. Откако ќе продре во мезофилот на листот, хербицидот лесно се впива во флоемот (спроводно ткиво за  органски материи). Потоа, активната материја се движи транслокационо, следејќи го природниот тек на фотоасимилатите (шеќерите) кон местата со висок метаболизам како што се младите врвни меристеми и кореновиот систем. На тој начин, глифосатот брзо се акумулира во точките на раст каде што успешно го блокира порастот на растението и предизвикувајќи изумирање на плевелот. Меѓутоа, најновите истражувања спроведени во текот на есента 2025 година во стаклената градина Гутерман на Универзитетот Корнел во Итака, Њујорк, покажаа дека плевелот развива отпорност уште од најраната фаза на својот развој  , односно уште во фазата на розета. Овие сознанија укажуваат на важен научен пресврт во отпорноста на дивата метла (Conyza canadensis) кој повеќе не може да се препише единствено на физичката бариера што ја создава лигнификацијата во подоцнежните фази. Напротив, фактот што растението преживува хемиски третман од глифосат уште во фаза на розета докажува присуство на внатрешни, генетски и биохемиски механизми на резистентност.

Мерки за  заштита против дивата метла

За успешното сузбивање на Conyza canadensis  во лозовите насади потребни се три до четири меѓуредови обработки на почвата и исто толку внатрередови обработки помеѓу лозите.Заради воспоставениот тренд на недоволна обработка на почвата на лозовите насади во комбинација со отпорноста на овој плевел кон глифосатот доведе до широко распространување на овој вид каде што се одгледуваат лозови и овошни насади. Од исклучителна важност е да се погоди оптималниот временски период при употребата на хербицидните активни материи. Така, во периодот од никнување па сè до фазата на розета, се препорачува примена на активните материи: Flumioxazin (кој дава најдобри резултати во најраните фази од порастот), 2,4-D, Dicamba, како и комбинацијата Diflufenzopyr + Dicamba. Понатаму, доколку третманот се пролонгира во фаза кога плевелот веќе има развиено до 5 листови, како најефикасно решение се препорачува активната материја Clopyralid. Многу често, претходно наведените активни материи се наоѓаат на пазарот во готови комерцијални формулации (комбинации) со глифосат или глуфосинат-амониум.

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image