logo
  1. Дома
  2. Свет
  3. Големо прекомпонирање на глобалниот пазар за алкохол за 2025 година
Големо прекомпонирање на глобалниот пазар за алкохол за 2025 година

Свет

Големо прекомпонирање на глобалниот пазар за алкохол за 2025 година

August 28, 2026 Глигор Бојков

Според најновиот глобален извештај на светски реномираната аналитичка куќа IWSR (International Wines and Spirits Record), светскиот пазар на алкохолни пијалаци (Total Beverage Alcohol - TBA) трета година по ред бележи пад на вкупните количини. Во 2025 година, глобалната потрошувачка на алкохол се намалила за -2% или 4,5 милијарди литри. Ова не значи дека луѓето целосно се откажуваат од порошувачката на алкохолни пијалаци, туку дека нивните навики фундаментално се менуваат, односно се пие поумерено, и се бараат поквалитетни пијалоци. Вкупната потрошувачка на вино падна за -5%, продолжувајќи го долгорочниот негативен тренд. За првпат во историјата на мерењата, жестоките пијалаци ја надминаа вкупната потрошувачка на вино во светот. Единствени светли точки кај виното се пенливите вина  Prosecco и Crémant како и безалкохолните вина. Интересен е трендот со готовите коктели во лименка кои во просек пројавија раст за + 3%.Иако на најголемиот пазар во светот (САД) се забележа мал пад сепак , премиум верзиите на овие готови коктели пораснаа за повеќе од +15%.Понатаму вкупните количини на пиво на светско ниво паднаа за -2%, но премиум пивата забележаа раст од +1%, предводени од пазарите во Азија и Африка. Вкупниот пазар на жестоки пијалаци забележа пад од -3%, но ситуацијата е доста хетерогена кога се однесува за одделните категории кај овие пијалаци. Растот на вискито се должи речиси целосно на експлозијата на индиското виски и индиските single-malt вискија. Индија долго време беше позната по масовно, поевтино виски кое многу  беше често произведувано од меласа. Сепак, новиот бран на индиски single-malt брендови (како Amrut, Paul John и Indri) со својот врвен квалитет освоија бројни меѓународни награди и признанија од критичарите. Поради топлата и влажна клима во Индија, вискито во бурињата созрева многу побрзо отколку во студената Шкотска. Една година созревање во Индија често се споредува со 3 до 4 години во Шкотска, што му дава на пијалакот побогат и поинтензивен вкус за пократко време.Ирското виски исто така порасна за +2%, додека шкотското (-2%), јапонското (-3%) и канадското (-1%) забележаа падови. Благиот пад на шкотското, јапонското и канадското виски покажува дека потрошувачите стануваат поотворени за експериментирање и бараат нови, егзотични вкусови надвор од традиционалните региони. Поголем пад се бележи кај коњакот  -7%, додека водката бележи пад за само -2% и румот за -1%.Растот кај џинот од +1% се должи од евтините локални брендови на пазарите во развој, додека премиум сегментот се соочува со стагнација. Зголемената побарувачка на безалкохолните пијалаци е директен резултат на трендот на умереност кај консументите. Современите технологии за деалкохолизација овозможуваат вистинскиот вкус и арома на пивата и вината да се зачуваат целосно, што доведе до голем раст на потрошувачката: +8% кај безалкохолното пиво и дури +13% кај безалкохолните пенливи вина. Како што истакнува Мартен Лодевијкс (Marten Lodewijks), претседател на IWSR: „Глобалниот пазар минува низ големо ресетирање. Потрошувачите не го напуштаат алкохолот, туку многу поинтензивно внимаваат на зачестеноста и количината што ја консумираат.“

logo

Регионален Пулс е независна дигитална платформа создадена со цел да го долови ритамот на современиот живот. Нашата мисија е да создадеме простор за слободна размена на идеи, инспиративни приказни , важни настани, и случувања од заедницата кои носат долгорочна вредност.

Галерија
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image
gallery image