


Современото земјоделско производство денес се соочува со појава на т.н. фунгицидна резистетност, односно тоа е состојба каде што фитопатогените габи кои предизвикуваат болести кај растенијата имаат стекната или наследна способност да бидат отпорни кон одреден фунгицид ,односно да продолжат да се развиваат и покрај хемискиот третман. Отпорноста на габите кои предизвикуваат болести кај земјоделските култури доведува до зголемен број хемиски третмани, а цената на крајот ја плаќаме сите преку загадената околина и загрозувањето на нашето општо здравје. Одобрувањето на првиот РНК биофунгицид во Мексико, развиен од биотехнолошката компанија GreenLight Biosciences, го означи официјалниот почеток на примената на молекуларната технологија во заштитата на растенијата. Овој чекор не претставува само уште една алтернатива во фитофармацијата, туку темелен концептуален пресврт кон т.н. пост-хемиска ера. Мексико стана првата во светот што одобри комерцијална продажба на биофунгицид базиран на РНК. Конкретно првиот биофунгицид (Оифиракс) ќе биде употребуван за борба против пепелницата на в.лоза (E.necator). Дејствотона биофунгицидот ќе биде насочен кон генот CYP51, односно кон прекин на синтезата на ергостерол. Овој стерол ја одржува стабилноста и функционалноста на клеточната мембрана. Без него, мембраната се оштетува и станува порозна, што ја нарушува осмотската рамнотежа што на крај доведува до прекин растот на патогенот. На прв поглед, Оифиракс делува слично како триазолните фунгициди (тебуконазол, дифеноконазол, пенконазол). Сепак, главната разлика е во нивото на дејство, Оифиракс делува пост-транскрипциски со тоа што го спречува создавањето на ензимот кој го синтетизира ергостеролот, додека триазолите се врзуваат за веќе создадениот ензим и го блокираат.
Оифиракс се покажал како ефикасен во елиминирањето на E. necator без да им наштети на различните видови од ентомофауната како што се пеперутките, медоносните пчели и дождовните црви, изјави извршниот директор на GreenLight, Андреј Зарур, за време на прес-конференцијата на која беше објавено одобрението на производот на 12 август, по 9-месечен регулаторен процес во кој беа вклучени здравствените, земјоделските и еколошките власти во Мексико.Тој рече дека компанијата доставила биоинформатичка анализа што покажува дека Оифиракс не влијае на други почвени организми или 'рбетници и дека регулаторната агенција на Мексико ќе продолжи да спроведува ригорозни студии за да ја осигури неговата безбедност.
Според генетичарот Дамиен Формеј од мексиканскиот универзитет UNAM, иако генот CYP51 е присутен кај речиси сите габи, молекулите на РНК во Оифиракс таргетираат само секвенци од mРНК што се уникатни за Erysiphe necator. Сепак, Формеј предупредува дека без детално познавање на геномот на секој вид или сој организам во регионот каде што се применува производот, не може со 100% сигурност да се исклучи какво било дејство врз други организми.




















