


Според најновиот глобален извештај на светски реномираната аналитичка куќа IWSR (International Wines and Spirits Record), светскиот пазар на алкохолни пијалаци (Total Beverage Alcohol - TBA) трета година по ред бележи пад на вкупните количини. Во 2025 година, глобалната потрошувачка на алкохол се намалила за -2% или 4,5 милијарди литри. Ова не значи дека луѓето целосно се откажуваат од порошувачката на алкохолни пијалаци, туку дека нивните навики фундаментално се менуваат, односно се пие поумерено, и се бараат поквалитетни пијалоци. Вкупната потрошувачка на вино падна за -5%, продолжувајќи го долгорочниот негативен тренд. За првпат во историјата на мерењата, жестоките пијалаци ја надминаа вкупната потрошувачка на вино во светот. Единствени светли точки кај виното се пенливите вина Prosecco и Crémant како и безалкохолните вина. Интересен е трендот со готовите коктели во лименка кои во просек пројавија раст за + 3%.Иако на најголемиот пазар во светот (САД) се забележа мал пад сепак , премиум верзиите на овие готови коктели пораснаа за повеќе од +15%.Понатаму вкупните количини на пиво на светско ниво паднаа за -2%, но премиум пивата забележаа раст од +1%, предводени од пазарите во Азија и Африка. Вкупниот пазар на жестоки пијалаци забележа пад од -3%, но ситуацијата е доста хетерогена кога се однесува за одделните категории кај овие пијалаци. Растот на вискито се должи речиси целосно на експлозијата на индиското виски и индиските single-malt вискија. Индија долго време беше позната по масовно, поевтино виски кое многу беше често произведувано од меласа. Сепак, новиот бран на индиски single-malt брендови (како Amrut, Paul John и Indri) со својот врвен квалитет освоија бројни меѓународни награди и признанија од критичарите. Поради топлата и влажна клима во Индија, вискито во бурињата созрева многу побрзо отколку во студената Шкотска. Една година созревање во Индија често се споредува со 3 до 4 години во Шкотска, што му дава на пијалакот побогат и поинтензивен вкус за пократко време.Ирското виски исто така порасна за +2%, додека шкотското (-2%), јапонското (-3%) и канадското (-1%) забележаа падови. Благиот пад на шкотското, јапонското и канадското виски покажува дека потрошувачите стануваат поотворени за експериментирање и бараат нови, егзотични вкусови надвор од традиционалните региони. Поголем пад се бележи кај коњакот -7%, додека водката бележи пад за само -2% и румот за -1%.Растот кај џинот од +1% се должи од евтините локални брендови на пазарите во развој, додека премиум сегментот се соочува со стагнација. Зголемената побарувачка на безалкохолните пијалаци е директен резултат на трендот на умереност кај консументите. Современите технологии за деалкохолизација овозможуваат вистинскиот вкус и арома на пивата и вината да се зачуваат целосно, што доведе до голем раст на потрошувачката: +8% кај безалкохолното пиво и дури +13% кај безалкохолните пенливи вина. Како што истакнува Мартен Лодевијкс (Marten Lodewijks), претседател на IWSR: „Глобалниот пазар минува низ големо ресетирање. Потрошувачите не го напуштаат алкохолот, туку многу поинтензивно внимаваат на зачестеноста и количината што ја консумираат.“






















