


Глобалната агрохемиска индустрија се наоѓа пред историска пресвртница. Ваквата состојба е проследена со забележителна стагнација на пазарот во 2025 година, поради забрзаното повлекување на активните материи (т.е. укинувањето на одредени пестициди) во ЕУ, пред сѐ преку Регулативата (ЕО) бр. 1107/2009, што директно го менува економскиот модел на земјоделството
Регулативата (ЕО) бр. 1107/2009 е главниот закон на ЕУ за одобрување и продажба на средства за заштита на растенијата и е позната како најстрог агрохемиски систем во светот. Наместо само да го мери ризикот на терен, таа воведе т.н. „критериуми за исклучување“, што значи дека секоја супстанција со канцерогени или мутагени својства автоматски се забранува. Ова доведе до повлекување на десетици евтини и познати пестициди, додека процесот за одобрување нови активни материи стана екстремно долг (8–11 години) и скап (над 20 милиони евра по една активна материја). Како резултат на тоа, земјоделците остануваат со сѐ помал избор на средства за заштита, што ги зголемува нивните трошоци за производство и директно влијае врз поскапувањето на храната.
Европските земјоделци плаќаат поскапа заштита во споредба со нивните конкуренти во САД, Бразил или Азија. Од друга страна, европските агрохемиски компании извезуваат суровини и активни супстанции забранети во Европа во земји како Бразил, кој потоа ги користи за производство на евтина храна што се увезува назад во ЕУ, и покрај строгите фитосанитарни регулативи.
Ваквиот трговски договор е познат како ЕУ – Меркосур (Бразил, Аргентина, Парагвај, Уругвај) и поврзува пазар од над 700 милиони луѓе, но неговото земјоделско поглавје е едно од најконтроверзните во историјата на трговските преговори. Европските земјоделци протестираат бидејќи во Јужна Америка легално се користат десетици активни супстанции (пестициди) кои во ЕУ се строго забранети поради канцерогеност или штетност за животната средина (на пример, одредени неоникотиноиди, триазини и сл.).
Се поставува прашањето: како е можен ваков парадокс?
Законите во ЕУ (Регулативата 1107/2009) го регулираат користењето на пестицидите на европска почва со цел да се заштитат европските земјоделци, почвата, подземните води и дивиот свет од хемиско загадување. Правната празнина е во тоа што ЕУ ги забранува овие супстанции за употреба во Европа, но не ја забранува нивната производна и извозна активност од европските фабрики кон трети земји, како што е случајот со Бразил. Од друга страна, Бразил ги заштитува своите посеви многу поевтино и поефикасно бидејќи користи поделотворни активни материи, со што произведува поевтина суровина.
Кога Бразил ќе произведе евтино месо со помош на тие забранети пестициди и сака да го извезе во Европа, стапува на сила Регулативата за безбедност на храната. Тоа значи дека кога одреден пестицид што е забранет во ЕУ ќе се употреби во Бразил за време на вегетацијата, до моментот кога храната ќе пристигне на пристаништето во Ротердам, тој може целосно да се разгради. ЕУ ги контролира пратките на самата граница и доколку лабораториската анализа покаже дека остатокот од пестицидот е нула или под дозволениот праг, храната легално влегува во ЕУ и ја нарушува цената на домашните земјоделски производи, кои во основа имаат повисока производна цена.






















