


Две новообјавени студии од научници од Универзитетот „Тринити“ во Даблин (Trinity College Dublin) алармираат за употребата на земјоделските фунгициди. Истражувањата покажуваат дека овие хемиски препарати можат забрзано да ги поттикнат почвените микроорганизми да развијат мултирезистентност (отпорност на повеќе лекови) кон клинички важни антибиотици, кои во комбинација со повисоки температури, предизвикуваат агрохемиска нерамнотежа во почвата која што негативно влијае врз растот на земјоделските култури. Во првата студија, објавена во списанието Evolutionary Applications, научниците тврдат дека фунгицидите можат да ја зголемат мултирезистентноста кај почвените бактерии. Ова го демантира вообичаеното разбирање дека погрешната и прекумерната употреба на антибиотици е единствениот фактор за појавата на антимикробна резистентност, истакнувајќи дека земјоделските фунгициди имаат исклучително значајна улога како стимулативен фактор. За време на контролирани лабораториски експерименти, почвените микроорганизми биле изложени на препаратот Fubol Gold кој е на база на активните материи mankozeb и metalaxyl во период од 16 недели. Инаку овие активни материи вообичаено се користат против: пламеницата на в.лоза (P.viticola), пламеница кај пиперката (Ph.capsici), пламеница на компирот и доматот (Ph. infestans), полегнување на расадот (Pythium spp.) итн. Треба да се нагласи дека овие активни материи се веќе забранети за употреба во поголемиот дел од Европа, сепак тие масовно се користеа во минатото и сеуште се присутни во почвите како што се тврди во студијата.Изложеноста на почвените микроорганизми на активните материи (mankozeb и metalaxyl) предизвикала вкрстена отпорност кон широкоспектралните антибиотици како хлорамфеникол, сулфатриад и налидиксинска киселина, односно лекови кои во хуманата медицина вообичаено се користат за третирање на инфекции на очите, уринарниот тракт и цревата. Втората студија, објавена во The ISME Journal, се фокусира врз комбинираниот ефект од климатските промени и хемиските третмани. Комбинацијата на фактори кои се состојат од повисоки температури и изложеност на фунгициди предизвикала значително поголемо нарушување на диверзитетот и рамнотежата на почвените микроорганизми отколку било кој друг фактор кој делува изолирано. Ова е од суштинско значење бидејќи почвените микроорганизми имаат влијание врз кружењето на јаглеродот во природата. Јаглеродот е основен органоген елемент кој влегува во составот на секоја органска материја. Во природата јаглеродот се наоѓа во органска и неорганска форма и овие две форми се наоѓаат во една динамичка рамнотежа , преминувајќи од една во друга форма преку низа од непрекинати биохемиски реакции кои се предизвикани од микроорганизмите. Од единството на динамичката рамнотежа на јаглеродот зависи и животот на планетата Земја.Јаглеродот во форма на CO2 е присутен во ограничена количина во атмосферата (0,03%), или околу 600 милиони тони.Ако се земе во предвид дека растенијата за фотосинтеза годишно трошат CO2 околу 20 милиони тони,тогаш може да се заклучи дека сите резерви на CO2 би се потрошиле за околу 30 години , а со тоа би завршил и животот на Земјата. Меѓутоа до тоа не доаѓа бидејќи сложените органски материи кои се создаваат по пат на фотосинтеза , се користат како храна од други живи организми при што овие синтетизирани органски материи се разложуваат до попрости соедненија и на тој начин значителни количини на CO2 се враќаат во атмосферата (преку дишење,гниење ,ферментација итн.).Овде е важно да се потенцира дека само мал дел од органските материи се погодни за употреба како храна за животните и човекот и тоа околу 8% , останатите 92% органска материја која е создадена од растенијата во која има јаглерод ја разложуваат микроорганизмите и затоа секое нарушување на нивниот диверзитет, број и распространетост предизвикува извесна доза на загриженост кај научната фела.



















